Американското катче во Скопје e едно од 400-те колку што постојат во светот. Ова е место каде што посетителите преку книги и списанија можат да научат за Соединетите Американски Држави, да учествуваат на настани и активности поврзани со САД, и, се разбира, да го изучуваат англискиот јазик и да се запознаат со можностите за образовна размена во САД.
Го посетивме Американското катче во Скопје во време кога се подготвува за одбележување на 20 години од постоењето
„Американското катче е еден вид на ресурсен центар за сите млади кои што се заинтересирани да се доближат до американската култура, до американскиот образовен систем или едноставно кои што сакаат да го вежбаат својот англиски (јазик) преку различни видови програми или читање, бидејќи ние исто така имаме голема библиотека со различни видови на книги на англиски јазик, така што служиме како еден вид на прозорец кон светот на Америка и англискиот јазик“, вели Моника Спанческа, координаторка на Американското катче во Скопје.
Овде дошле над 12 илјади посетители, не информираше координаторката, која е горда на просторот што е претворен во „енергична и динамична заедница“ со голем број заинтересирани за нивните програми. Публиката, вели таа, првенствено е составена од млади луѓе, како и од претставници од граѓански организации, воспитувачи и наставници од Скопје и пошироко.
„Американското катче оперира на шест принципи кои што треба да им помогнат на младите да се усовршат себе си како личности. Еден од најглавните принципи е изучувањето на англискиот јазик и на американската култура“, додава Спанческа
Освен библиотеката со книги на англиски, катчето нуди и многу други бесплатни ресурси за изучување на англискиот јазик, од областа на науката и технологијата. Овде редовно се организираат настани и активности кои помагаат во личниот и професионалниот развој на учесниците. Работењето во мултикултурна средина посебно се истакнува како искуство што придонесува кон изградбата на вештини за позитивно учество во општеството.
„Во Американското катче во Скопје имаме речиси 2.000 членови од различни генерации и различни категории на луѓе. Членството е бесплатно. Луѓето можат во било кое време да дојдат да си земат книга, да си изнајмат книга. Имаме доста голем опсег на книги кога станува збор за странска литература. Воглавно имаме и од најмодерните книги кои ги следат младите, нормално од социјалните мрежи, оние „TikTok books“ како што ги нарекуваат, имаме и класична литература, fiction, non-fiction, бидејќи сме и ТОЕФЛ центар имаме и книги за оние кои сакаат да полагаат ТОЕФЛ, може да си земат и ТОЕФЛ книги, така да имаме еден голем опсег на книги за секого“, изјави Борјан Бојчев, специјалист за активности и програма.
Американските катчиња не постојат во вакуум. Тие најдобро ја исполнуваат својата мисија кога работат во партнерство. Секторот за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Скопје соработува со локални институции кои се во улога на домаќини како што се библиотеки, културни центри и универзитети.
„Американската амбасада ни е огромна потпора за секаква активност, особено кога станува збор за соработка со американски дипломати. Настаните кои ги правиме со американската амбасада се секогаш популарни кај младите особено кога знаеме дека ќе имаме претставник од амбасада и секогаш таа публика се зголемува и мислам дека и тоа е многу важно бидејќи на еден начин и ние ја шириме нашата публика, а и американската амбасада продолжува со својата работа односно да се надополни на оние заеднички работи да се прошири американската култура во Македонија“, вели Бојчев.
За тоа каков белег остава работата на американските катчиња на животот на оние кои посегнале и уживале во нивните услуги, разговаравме со Рита Бехадини, поранешна вработена и членка во Американското катче.
„Јас порано кога бев студентка во Тетово - но сепак и таму има Американско катче - мислам дека тоа ми беше најважниот ресурс од каде што јас можев да земам не само книги, туку и да имам пристап и да можам да разговарам со луѓе со кои не можам во секојдневието да разговарам со нив за различни теми“, рече Рита Бехадини, членка на Американското катче во Скопје.
Американското катче во Скопје официјално е отворено во јануари 2005 година како партнерство помеѓу Секторот за односи со јавност на Амбасадата на САД во Скопје, Градската библиотека “Браќа Миладиновци” во Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Ова во Скопје е сместено во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. За оние кои се подалеку од главниот град, вакви катчиња има и во Битола, Тетово, Струга и Штип, па дури и едно мобилно PopUp катче што ги опслужува другите краишта.
Facebook Forum