Поразителни бројки има за обемот на имунизација кај деца во македонското општество, велат домашните лекари. Иако во 2000 година, Северна Македонија добива признание од Светската здравствена организација, бидејки опфатот на вакцинација за одредени вакцини бил поголем од 95 отсто, тој процент сега е помал, вели Катерина Ставриќ, педијатар во Детската клиника во Скопје. Ковид пандемијата вели таа, влијаела на ваквиот негативен тренд.
„После Ковид, 2022, 2023 година имаме скоро за сите вакцини под 90%, освен за Хепатит вакцината, која се прима во породилиште, и БСЖ, сите други вакцини се под 90 отсто, што е опасност да ни се појават болести. И го гледаме тоа. Пертусисот го имаме, со морбилите сме на граница, да може многу лесно, со овој опфат да ни се случи епидемија, како што имавме 2018 година“, вели Ставриќ.
Најниско е нивото на вакцинација за ХПВ вакцината, со околу 50 отсто, како и за првата доза на вакцината против морбили. За разлика пак од останатите региони во државата, ситуацијата е нешто подобра во охридско-струшкот регион.
„Особено за шествалентната вакцина, имунизација против детска парализа, хепатит Б, дифтерија и голема кашлица, процентот е над 97 отсто за 2024 година, додека примовакцина за Хепатит Б и против туберкулоза што се дава во првиот месец е 100 отсто“, вели Јованка Струлакова Коровешоска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Охрид.
Освен Ковид пандемијата, лекарите посочуваат и други причини за нискиот процент на имунизација.
„Повеќе фактори се. Довербата, родителите кои сè повеќе и повеќе се двоумат и имаат прашања. Често пати одговори на тие прашања бараат на социјалните мрежи. Тука добиваат дезинформации, се консултираат со други родители и повторно добиваат дезинформации“, вели педијатарката Ставриќ.
Facebook Forum