Со полно „политичко“ мени, Собранието ја стартуваше Новата 2025-та.
Се расправа за дури пет интерпелации поднесени од опозицијата – за работата на двајца вицепремиери Стоиљковиќ и Меџити, еден министер - Тошковски, неговиот заменик Исени, како и за работата на претседателката на комисијата за социјална политика од редовите на партијата на Ахмети, Илире Даути. Првите четири ги поднесе ДУИ, а последната Левица.
Но, опозицијата не се обедини околу овие 5 иницијативи. СДСМ не даде поддршка за ниту една од интерпелациите.
„Македонското собрание не треба да биде мегдан за меѓуетнички тенизии и поделби меѓу граѓаните. Ако намерите на подносителите биле вистински, тогаш причините за интерпелациите не смееле да бидат поврзани со етнички контекст. Затоа, ние нема да гласаме, ниту ќе учествуваме во работата на Собранието.“, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.
И Левица имаше исто образложение зошто не ги поддржа интерпелациите против четворицата владини функционери што ги поднесе ДУИ.
„Нема да ги поддржиме интерпелациите, имаат етничка мотивација.“, изјави Борислав Крмов од Левица.
А, интересно, владејачката ВМРО-ДПМНЕ застана зад интерпелацијата на Левица за работата на Илире Даути како прв човек на собраниската комисија за социјална политика, зад која пак застанаа албанските партии.
„Во самото образложение на интерпелацијата се вели дека Илире Даути сосема неделовнички, противуставно, своеволно, тенденциозно, па јас би рекла и проблематично го кочи работењето на оваа комисија.“, истакна Благица Ласковска од ВМРО - ДПМНЕ.
А зошто ДУИ бара одговорност за работата на четирите владини функционери.
„Во последниот период сведоци сме на зголемување на тензиите меѓу етничките заедници по неколку насилни настани во Скопје и Куманово. Загрижува начинот на кој Владата ја менаџираше ситуацијата и нејзини функционери кои не обезбедија стабилност.“, изјави Рина Хајдари од Европскиот фронт.
За министерот за внатрешни работи, интерпелацијата за него, е само, како што ја нарече, дефокус на јавноста.
„Интерпелација е демократско право во секоја држава. Според мене, ова е само еден обичен дефокус од вистинската борба против криминалот и корупцијата.“, оцени министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Бројките на владејачкото мнозинство во Собранието, како и поделбата во опозицијата значат дека интерпелациите за работата на владините функционери Меџити, Стоиљковиќ, Тошковски и Идени нема да поминат.
Facebook Forum