Затворот Седнаја беше страшно место управувано од сириската влада. Познат по своите брутални мачења и безброј егзекуции, го доби прекарот „човечката кланица“.
Бунтовничките сили ги ослободија затворениците по падот на режимот на Башар ал Асад. Илјадници луѓе сега се собраа овде, надевајќи се дека ќе ги најдат своите сакани, како овој човек.
„Го одведоа во Седнаја кога беше само 14-годишно момче. До денес немаме поим дали се` уште е таму, дали е жив, дали е убиен или дали е во некоја подземна ќелија“, вели Ахмед Буркани, Сириец.
Во текот на 13 години граѓанска војна, околу 100.000 луѓе биле приведени од сириската влада. Многумина се` уште се водат како исчезнати, а очајните граѓани се надеваат дека можеби ќе ги најдат кај Седнаја.
„Го барам брат ми. Некој ми кажа пред 10 дена дека е сè уште жив“, вели Раџа Абделрахуф, жителка на Сирија.
Упадот на бунтовничките сили во затворот не само што ослободи многу затвореници туку ги откри и записите на затворот.
Очајни семејства сега ги разгледуваат документите расфрлани на земјата, надевајќи се дека ќе најдат каква било информација за нивните исчезнати или убиени роднини. Некои од овие документи ги наведуваат имињата на оние кои умреле или биле егзекутирани додека биле во затвор.
Се собираат толпи, кои внимателно слушаат додека овие мрачни „црни списоци“ се читаат на глас.
Се верува дека илјадници затвореници биле држени во Седнаја, во ќелии од 5 на 5 метри, преполни со над 100 луѓе. Меѓутоа, кога пристигнала исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, пронашла само 300 затвореници внатре.
Ова ги поттикна шпекулациите за масовни егзекуции, трансфери на затвореници или постоење на подземни ќелии.
За повеќето од оние кои патуваат овде, потрагата заврши без одговори. Сега, велат, останува само надежта за правда.
Facebook Forum