Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Шји Џинпинг го одржаа својот трет - и веројатно последен состанок - лице в лице на маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка минатиот месец во Лима, Перу.
На разговорите Бајден изразил длабока загриженост за поддршката на Кина за Русија, која Вашингтон вели дека ја продолжува војната во Украина.
Тој, исто така, ја осудил Северна Кореја за испраќање илјадници војници да се борат заедно со руските сили. Од своја страна, Џинпинг ја повторил понудата Кина да посредува во мировните преговори, позиционирајќи го Пекинг како потенцијална стабилизирачка сила во војната.
На состаноците со неговите колеги од НАТО, американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека европските сојузници им се придружија на САД во барањето до Кина да направи повеќе за да ја ограничи својата материјална помош за Русија, која ја загрозува безбедноста во Европа.
„Во текот на изминатите четири години, имавме невидена конвергенција меѓу сојузниците за предизвиците што Кина ги поставува за трансатлантската безбедност. Tоа ја вклучува и нејзината клучна поддршка за руската одбранбена индустриска база, која ја овозможува тековната руска агресија и ја интензивира најголемата закана по европската безбедност од крајот на Студената војна“, посочува Блинкен.
Кинеските власти избегнаа да коментарaaт за одлуката на Северна Кореја да испрати војници во Русија.
Аналитичарите велат дека овој молк ја открива фрустрацијата на Кина и дилемата наметната од растечките воени врски меѓу нејзините два соседа.
„Релациите меѓу рускиот претседател Владимир Путин- Шји Џинпинг не се толку цврсти или блиски, како што понекогаш ги замислуваме. Путин ќе го направи она што е во негов интерес и нема нужно да им кажува на Кинезите што прави. Не верувам дека Кинезите биле однапред информирани, на пример, за овој меѓусебен одбранбен пакт меѓу Путин и Северна Кореја“, смета Денис Вилдер од Универзитетот во Џорџтаун.
Некои поранешни американски функционери велат дека експлицитното безбедносно партнерство меѓу Русија и Северна Кореја може да ја ослабне стратешката позиција на Кина во Источна Азија и да има долгорочни импликации кои можеби нема да бидат во корист на Пекинг.
Facebook Forum