Линкови за пристапност

Аналитичари: Укинување на кинеските визи за македонските граѓани е т.н. „мека“ моќ на Пекинг


Потегот се препознава како обид за „мека“ моќ на Пекинг, но не и безбедносен ризик, според професорот Марјан Ѓуровски;  Сe' што прави Кина во поглед на јавните политики не е наивно, вели Ана Крстиновска од „Естима“. 

Од 30 ноември годинава, почна да важи безвизниот режим за влез во Кина за македонските граѓани и граѓаните на уште осум други држави, Бугарија, Романија, Малта, Хрватска, Црна Гора, Естонија, Латвија и Јапонија. Укинувањето на визите се однесува за престој во Кина до 30 дена.

Станува збор за многу важна стратешка и диполматска политика на Кина, од аспект што сите држави се претежно европски, објаснува Ана Крстиновска, директорка на истражувачката организација „Естима“:

„Одлука која воопшто не ги чини ништо, туку потенцијално може да им донесе многу придобивки. Не мислам дека било што, што прави Кина, во поглед на јавните политики е наивно. Кина има сериозни ресурси да вложи во осмислувањето на својата надворешна политика, кон сите држави во светот, вклучително и кон малите држави, како што е Македонија“.

Одлуката има за цел да го потикне и туризмот, а тоа може да донесе и интензивирање на економските контакти, односно посета на бизнисмени, потикнување на инвестиции и поголема трговска размена, објаснува Крстиновска.

„Имајќи во предвид дека повеќето европски држави се обидуваат да се раздвојат или да ја намалат економската зависност од Кина, ваквата одлука ѝ помага на Кина да се заштити од тоа економско раздвојување, односно да придонесе кон натамошно интензивирање на економските врски и односи со повеќето европски држави“.

Со одлуката за безвизно патување, Кина нема да ја замени ЕУ, ниту пак НАТО, како воено - безбедносен партнер на регионот, смета Марјан Ѓуровски, професор по безбедност на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Целта на кинеската пропаганда е различна од руската и турската. И реално Кина користи меки форми на моќ на влијание, како што е стимулацијата, подршката.И реално еден од обидите на меката моќ на влијание е токму безвизната можност на влез на македонските граѓани“.

Според него Пекинг, нема да влезе во отворена конфронтација за регионот, но затоа ќе продолжи да ги користи финансиските и економските лостови за да го зголемува своето влијание.
„Сметам дека Кина претставува и дава еден системски предизвик за меѓународниот поредок, заснован на правила и за безбедноста на Алијансата, и од тука треба да се следи кинеското влијание, но не претставува истото голем безбедносен ризик во моментот“, вели Ѓуровски.

Станува збор за трет бран на држави, кон кои Кина ја ослободува визната политика. Но, за патување во сите овие држави потребни се визи за кинеските државјани.

„И самиот факт што Кина покажува добра волја, односно унилатерално ги укинува визите за граѓаните на овие држави би ги потикнала креаторите на политики за повратно укинување на визите кон Кина, односно тоа е она на што смета Кина и што би било исто така во нејзина корист“, вели Крстиновска.

Северна Македонија е единствената од регионот на Западен Балкан, која се уште има визен режим за Кина.

„Што значи дека ние сме ставени исто така во ситуација да размислиме за одлуката за воведување визи кон Кина и во таа смисла нашата визна политика е целосно усогласена со визната политика на ЕУ“, додава таа.

За туристичкиот работник од Охрид, Владо Суклоски, одлуката може да биде и во корист на Северна Македонија, ако се однесува на обете држави.

„Ако биде билатерално, тоа е добро за туризмот со оглед на што Кина организира туристички патувања кои некогаш траат и до еден месец. Ако е само за во една насока, само за македонските граѓани, во тој случај тоа ќе помогне само за оние бизнисмени кои имаат бизнис со кинески партнери“.

Интересно е што ваквата одлука на Кина доаѓа во време на глобални маневрирања на одредени играчи за подобро позиционирање во светскиот поредок, иако официјален Пекинг овој потег го образложува со поттикнување на туризмот и деловните патувања за заживување на економијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG