Најстарата монета изложена во Музејот на Народната банка датира од 5-ти век пред нашата ера. Тоа е сребрена монета на пајонското племе Дерони. Покрај оваа, во музејот е изложена и сребрена монета на пајонскиот крал Тевтај, вели Маја Хаџи – Манева, кустос во Музејот на Народната банка.
„Сребрена монета на пајонскиот крал Тевтај која што е уникатна и чија вредност и значење не произлегува само од тој факт, туку и податокот дека таа е единствениот доказ за постоењето на тој крал што не се спомнува во историските извори. Потоа, парите на градот Лихнид или античкиот Охрид, парите на Стоби кои што Народната банка ја има најголемата збирка на овие пари што биле ковани од првиот до третиот век од новата ера. Повеќе византиски примероци кои што исто така се ретки и секако сребрените монети на самостојните владетели од 14.век како што се Волкашин, Крале Марко, Андреја Гропа и отоманските ковници кои што биле активни на македонската почва во Скопје, Кратово и Охрид“, изјави Маја Хаџи – Манева, кустос во Музејот на Народната банка.
Но, освен монети, посетителите на Музејот на Народната банка може да ги видат и првите банкноти на македонски јазик, како и банкнотите на самостојната македонска држава од 1992 година до денес.
„Интересни се примероците од 1944 година на Југославија чиј дизајн бил подобрен во летото таа година, многу блиску со времето кога било одржано и првото заседание на АСНОМ на кое што е донесена одлука дека официјален јазик е македонскиот јазик во новата македонска држава и на тие банкноти на македонски јазик паралелно со уште три јазици – хрватски, српски и словенечки – се запишани податоците“, додава Хаџи – Манева.
Гувернерката на Народната банка на Северна Македонија, Анита Ангеловска – Бежоска, за Гласот на Америка на македонски јазик вели дека постоењето на ваков музеј во рамките на институцијата сведочи за историјата за економските и финансиските текови кои што се случувале во минатото.
„Во основа, овој музеј, има една исклучително богата нумизматичка збирка кој што брои околу 23.000 монети при што најстарите од нив датираат од крајот на 6. век односно почетокот на 5. век пред нашата ера, што упатува самото по себе дека станува збор за една од најбогатите нумизматички збирки кои што постојат кај нас. Имајќи го предвид фактот дека од секогаш парите претставуваат нешто повеќе од самиот факт инструмент за размена на средства, оваа богата нумизматичка збирка всушност зборува за економските текови, финансиските текови, културните влијанија меѓу народите, карактеристики на финансиските системи кои што го обликувале овој регион, меѓутоа зборува и генерално за еволуцијата на цивилизациите низ историјата“, изјави Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија.
Следејќи ги светските трендови поврзани со улогата на централните банки во грижата за сопственото културно наследство, Народната банка во 1999 година започна со откуп на стари и ретки пари преку кои ја изгради денешната единствена нумизматичка збирка. На 25 април 2002 година по повод десетгодишнината од монетарното осамостојување на државата, во просториите на Народната банка на Северна Македонија беше отворена нејзината постојана нумизматичката поставка насловена "Македонија, парите и историјата".
Во овој музеј во 36 витрини се распоредени над 1.000 монети. Граѓаните може да го посетат музејот бесплатно секој работен ден од 9 до 15 часот.
Facebook Forum