Премиерот и честитал на Радмила Шекеринска за нејзното назначување за заменик-генерален секретар на НАТО, нешто за што вчера информираше Алијансата.
Но, за овој чекор на Мицкоски, владата официјално не прати соопштение, туку самиот премиер тоа денеска го кажа во одговор на новинарско прашање поставено токму за оваа тема зашто во јавноста беше забележливо отстуството на честитики од актуелниот државно-политички врв на земјата за именување на македонски политичар на толку висока меѓународна позиција.
Премиерот, кој со години ја сметаше Шекеринска за политички опонент, денеска обелодени дека неговата влада застанала зад нејзиниот избор за втор човек во НАТО.
Мицкоски уверува дека немало дилема дека треба да застанат зад кандидатурата на Шекеринска и покрај политичките и како што ги нарече, концептуални разлики со неа и со нејзината партија СДСМ.
„Како Влада имавме предизвик за одлуката кого и како да го поддржиме за заменик-генерален секретар на НАТО, бидејќи имаше кандидати од неколку земји. Ние немавме никаква дилема тука, бидејќи честопати повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата, но ако тоа не го правиме на дело а повикуваме, тогаш тоа е лицемерие.“, изјави премиерот.
Засега, од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова нема официјална информација дали шефицата на државата и честитала на Шекеринска, за што денеска реагираа од опозицијата велејќи дека „ ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска-Давкова решиле да останат заглавени во сопствената малодушност.“
Интерeсно е дека меѓу честитки кои стигнаа вчера е и онаа од бугарскиот претседател Румен Радев кој рече дека го очекува придонесот на Шекеринска во зајакнување на колективната одбрана и безбедност на Алијансата.
Шекеринска, дeнеска, заблагодарувајќи се на сите честитки, порача дека со нејзиното именување на оваа функција, таа ќе ја претставува и Северна Македонија.
„Пред мене е одговорност која бара целосна посветеност и работа на теми кои се клучни за глобалната безбедност и стабилност. Ќе продолжам да се залагам за вредности кои го зацврстуваат мирот, соработката и интеграцијата меѓу земјите членки на НАТО, но и да ја претставувам Северна Македонија со гордост на оваа висока меѓународна позиција. Секој ваш збор на поддршка е и потсетник дека успехот не е само личен, туку е и успех за нашата држава“, напиша Шекеринска на Фејсбук.
Долгогодишната политичарка, поранешна вицепремиерка и министерка, ќе му биде заменичката на тазе избраниот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, кој го презема раководењето со Алијансата во еден од најтешките и најтензични периоди за Европа, но и за светот, по завршувањето на Студената војна.
Facebook Forum