Во 2021 година, жичена ограда го опколи кампот Ал Хол во Сирија. Денеска, таа е заменета со бодликава жица и светилки.
Стражарите ова место го нарекуваат „темпирана бомба“, бидејќи е преполно со екстремисти од сега веќе непостоечката самопрогласена група Исламска држава. Многу затвореници овде веруваат дека луѓето за кои сметаат дека се „неверници“ треба да бидат убиени.
Бегствата и нападите се чести. Имало повеќе од 130 убиства.
Амнести интернешнал вели дека условите за живот овде се нехумани, а понекогаш и смртоносни. Курдските власти кои го водат кампот велат дека се очајни за помош однадвор.
„Ние страдаме овде во кампот. Во здравството никој не не поддржува, а внатре умираат луѓе. Еве, доаѓа зима, а никој не обезбедува облека за овие луѓе“, вели Коршид Хавал, директор на кампот Ал Хол.
Во овој камп се чуваат околу 45.000 жени и деца кои ги преживеаја последните битки кои на крајот ја уништија групата во 2019 година. Илјадниците странци меѓу нив се од 60 земји.
„Се надеваме дека ќе излеземе од овој камп. Ситуацијата е лоша. Нема доволно поддршка. Моето дете е болно. Во болница можеа да ѝ дадат само основна нега“, вели Вазира Хаваз, жителка на Ал Хол.
Татковците, сопрузите и браќата на овие жители се исчезнати, мртви или во затвор. Се претпоставува дека мажите во последното упориште на Исламската држава кога падна во 2019 година биле сите милитанти. Но, повеќето никогаш не биле изведении на судење.
Во кампот исчезнаа момчиња на возраст од 12 и повеќе години. Околу оваа возраст, безбедносните службеници ги принудуваат да се преселат во, како што ги нарекуваат, центри за рехабилитација.
Ноа Сулеј, од Тринидад и Тобаго, бил донесен во Сирија од неговата мајка како 12-годишно дете кога неговиот очув се приклучил на групата.
Неговата мајка сега е во кампот Ал-Рој, во кој има и жени и деца од поранешната Исламска држава, и тој зборува со неа еднаш годишно. Сулеј не е обвинет за кривично дело.
„Не знам што се случува со мене. Се будам секое утро со надеж дека еден ден некој ќе дојде и ќе ми каже - време е да си одиш дома“, вели Сулеј.
Властите велат дека ако не ги одвојат момчињата од нивните семејства, тие ќе пораснат како терористи, обучени од екстремистите во камповите. Момчињата овде велат дека се длабоко депресивни, без детство, семејство или иднина.
„Понекогаш чувствувам како да нема надеж. Како да живееме без причина. Мојот живот нема смисла“, додава младиот Сулеј.
Амнести интернешенел вели дека затворениците се подложени на „шокантна суровост и насилство“ и дека Соединетите Држави „играле централна улога во создавањето и одржувањето на овој систем“.
А систематската неправда, вели организацијата, само ја продлабочува континуираната закана од Исламската држава, која сè уште дејствува во Сирија и пошироко.
Регионалните курдски власти кои ги водат овие притворни центри велат дека тие се напуштени од меѓународните партнери и немаат ресурси да обезбедат правда или подобри услови за живот.
Facebook Forum