Војната меѓу Израел и Хамас во Газа и руската инвазија во Украина, ќе бидат глобалната позадина во времето кога Доналд Трамп и неговата надворешна политика под мотото „Америка на прво место“ се враќаат во Белата куќа.
„Ништо нема да ме спречи да го одржам зборот пред вас, народот. Ќе ја направиме Америка повторно безбедна, силна, просперитетна, моќна и слободна“, рече Трамп во говорот на ноќта на изборите во САД.
Мандатот на Трамп започнува на 20 јануари, но тој веќе разговарал со светските лидери, вклучително и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Москва ги негира информациите дека Трамп разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп водеше кампања за брзо завршување на војните. Аналитичарите велат дека тој сака да го испорача верувањето.
„Кога станува збор за Блискиот Исток, мислам дека на некој начин пораката ќе биде 'побрзајте и завршете ја оваа војна'. За Украина, тоа ќе биде 'стоп'“, смета Чарлс Купчан, од Советот за надворешни односи.
Трамп не објасни како ќе направи војните да престанат, но често ја критикува помошта од милијарди долари од САД за Украина. Брз крај на војната може да значи големи отстапки од Киев, нешто што Зеленски вели дека веројатно нема да се случи.
„Сакаме праведен крај на оваа војна. Сигурен сум дека брзиот крај на војната значи загуби“, рече Зеленски.
Со тоа што Северна Кореја испраќа војници да ѝ помогне на Москва, војната во Украина може да има пошироки геополитички импликации, во време на ескалација на тензиите на Корејскиот полуостров.
Трамп мора да се справи и со Израел, кој се чини дека е фокусиран на максималистички цели наместо на прекин на огнот, не само со Хамас во Газа туку и со Хезболах во Либан, вториот фронт на војната. Двете групи се поддржани од Иран.
„Ја гледаме иранската закана во сите нејзини компоненти и опасноста што таа ја претставува. Ги гледаме и големите можности пред Израел на полето на мирот и неговото проширување“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Трамп вети дека ќе биде ригорозен во трговијата, особено против Кина. Во својата честитка до Трамп, кинескиот претседател Ши Џинпинг повика на „стабилни, здрави и одржливи“ врски.
„Ши Џинпинг истакна дека историјата покажала дека Кина и САД имаат корист од соработката и страдаат од конфронтација“, изјави Мао Нинг од кинеското министерство за надворешни работи.
Трамп, исто така, вети дека ќе ја запре имиграцијата, ветувајќи дека масовно ќе ги депортира имигрантите без документи. Во понеделникот, тој го поткрепи тоа ветување, назначувајќи го Том Хоман, неговиот поранешен вршител на должноста директор за имиграција и царина на САД, за прв човек за таа област.
Facebook Forum