Елвис Шаќири, неуморен шампион на ромската заедница од Северна Македонија која се соочува со генерации на расни и економски неправди и премногу често им се ускратува правото на добивање државјанство.
Со тие зборови, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во октомври годинава во Вашингтон му го додели признанието на Елвис Шаќири за глобален двигател во борбата против расизмот и дискриминацијата.
„Сите неправди што на некој начин самиот сум ги доживувал во целиот овој период, всушност ме предизвикувале да преземам различни чекори и да се борам со неправдите со коишто целата ромска заедница се соочува“, вели Шаќири во разговорот за Гласот на Америка.
Признанието се доделува од минатата година, а номинацијата оди преку амбасадите на САД низ светот. Шаќири бил номиниран како активист кој води повеќегодишна борба за надминување на дискриминацијата кон ромското население во македонското општество.
„Голем број од населението не сака да има соседи Роми. Сè уште ромската заедница се соочува со ограничен пристап до јавни услуги. Сè уште сме сведоци дека за време на летниот период лица од ромска етничка припадност не можат да одат на базен само поради нивната боја на кожа. Сè уште сме сведоци дека на Ромите некогаш не им се дозволува да влезат во ресторани“, објаснува Шаќири.
Шаќири е еден од основачите на невладиниот институт „Ромалитико“, преку кој се водат активни кампањи и анализи за подобрување на општествените, економските и образовните можности за ромското население.
„Жално е што имаме тенденција на сегрегација во училиштата низ државата. Голем број родители што не се Роми, не сакаат да ги запишат своите деца во училишта каде што живеат Роми. Така се создаваат овие сегрегирани училишта со 80 или 90 проценти Роми. Од година во година нивниот процент се зголемува“, посочува Шаќири.
Дел од признанието се однесува на напорите да се реши статусот на лицата кои се родени или живеат во државата со години, а немаат право на никаков документ за нивниот идентитет и постоење во македонското општество.
„Ако родителите го немаат регулирано сопствениот престој, тогаш нивните деца немаат основа на која можат да добијат документи. Така се појавуваат нови и нови генерации лица без документација. Меѓутоа, со измените во законите, барем на лицата коишто се раѓаат во меѓувреме, односно на новороденчињата, без разлика дали нивните родители имаат или немаат документи, државата е должна да им обезбеди лична документација, односно извод на родени“, посочува Шаќири.
Како уште проблем што го посочуваат од „Ромалитико“ е злоупотреба на етничките квоти во средните училишта. Велат дека Местата наменети за деца Роми се пополнуваат со ученици од други етникуми.
„Ако веќе имаме десет слободни места во одредено училиште и 10 ученици од други етникуми се пријават како Роми и се запишат преку таа квота, тогаш тие што навистина се Роми ќе бидат одбиени и нема да можат да влезат во средните училишта“, укажува Шаќири.
После низата неправди кон ромското население, појавата на масовното иселување од државата, отворила нова можност кон нив. Како што вели Шаќири, во немањето доволно работна сила, работодавците конечно почнале да вработуваат Роми и на позиции што претходно не им ги давале.
„Од осамостојувањето на државата, ромската заедница не била ценета работоспособна, односно како работна сила што може да придонесе за државата. Поради таа стигма и стереотипи, Ромите немале можност да се вработуваат во овие сектори. Меѓутоа сега ако отидеме најголем број во маркетите, лица коишто работат на каса, во магацини или како обезбедување се Роми“, вели Шаќири.
Но, додава дека, сепак, заминувањето ја десеткува и ромската популација.
„Државата треба да инвестира за населението да не си оди во западноевропските држави. Ако тие лица можат да успеат таму, зошто да не можат да успеат тука, во самата држава. Ние сме млада и растечка заедница, така што може целосно да се искористи овој потенцијал“, посочува Шаќири.
Шаќири, како глобален двигател во борбата против дискриминацијата, најавува дека следен фокус на работа ќе биде подобрување на инфраструктурата во областите каде што живее ромското население.
Facebook Forum