Повеќе од 42.000 мигранти со нерегулиран статус пристигнале во Шпанија досега оваа година - за две третини повеќе од 2023 година.
Повеќето пристигнуваат на Канарски Острови во Шпанија, на повеќе од 100 километри од африканското крајбрежје. Само минатата година, според групите за човекови права, околу 6.000 мигранти загинале при обидот за преминување. Но, многумина ги прифаќаат опасностите поради сонот за нов живот во Европа.
„Ако успеете овде, единственото нешто што треба да направите е да одите на часови, да продолжите да учите, да разговарате со луѓето. Мора да бидете отворена личност, особено како имигрант. Мора да вложите двоен напор, и тоа е она што го правиме сега“, вели Мацире Конаре, имигрант од Мали.
За мигрантите има надеж за подобар живот. Шпанската влада исто така гледа економски потенцијал. Како и многу западни земји, населението во Шпанија брзо старее. Очајно има потреба од млади работници за да ја изгради економијата и да плаќа даноци.
Но, стапката на наталитет во земјата минатата година го достигна најниското ниво досега забележано, под 1,2 меѓу најниските во Европа.
Говорејќи на самитот на лидерите на Европската Унија неодамна, шпанскиот премиер Педро Санчез рече дека имиграцијата е од витално значење.
„Нашата сегашна и идна конкурентност, економскиот раст на нашата земја, одржливоста на нашиот модел на благосостојба исто така зависи од миграцијата. Мора да управуваме со миграциските текови од перспектива на демографскиот предизвик“, вели Санчез.
Но, во услови на пораст на поддршката за екстремно десничарските партии ширум Европа, многу земји-членки на ЕУ сакаат построги контроли на миграцијата. Да се постигне рамнотежа нема да биде лесно.
„Ние сме земја со силни вредности и сакаме рамнотежа помеѓу контролата на миграцијата и да им понудиме на барателите на азил легален начин да влезат и да ги почитуваат нивните права. Ни требаат. Овде во Шпанија, без мигранти, немаме овошје во супермаркет. Едноставно, економијата не може да функционира како што треба. Ни требаат мигранти“, вели Хесус Верду Баеза, вонреден професор по право на Универзитетот на Кадис.
Како дел од својот нов пристап, Шпанија подготвува „стратегија за Африка“ – фокусирајќи се на она што го опишува како економска и социјална трансформација на континентот.
Додека се обидува да ја олесни легалната миграција, Шпанија се обидува да спречи нерегуларно пристигнување мигранти на нејзините брегови.
Таа сака граничната агенција на ЕУ Фронтекс да бара дозвола за патролирање на африканските брегови - да ги пресретне чамците со мигранти. Многу мигранти се трауматизирани од патувањето.
„Сакам да им дадам совет на моите сограѓани и моите пријатели: Не доаѓајте со мал брод, бидејќи тие се многу опасни“, вели Ахмед Караб, имигрант од Мароко.
Шпанија сака долгорочно решение за миграцијата – што функционира и за Африка и за Европа. Но, надежта за подобар живот продолжува да привлекува десетици илјади луѓе низ овие опасни мориња.
Facebook Forum