Линкови за пристапност

Анимирани телевизиски серии за светскиот пазар се продуцираат во студио во Северна Македонија


„Агент 203“, е првата 3Д анимирана серија создадена од „V House Animation“ за Дизни која е дистрибуирана на речиси на сите европски јазици.

Во индустријата во која често доминираат студија со огромни буџети во Холивуд, влегува мало македонско студио за анимација со амбициозна агенда. Посветен тим на уметници, сценаристи и аниматори, во студио со седиште во Дебар Маало во Скопје „V House Animation“ создаваат анимирани серии за светскиот пазар. Извршниот директор на компанијата, Дамјан Митревски, за Гласот на Америка на македонски го опишува процесот:

„Прво се создаваат на хартија со едноставен опис. Потоа, ... уметничкиот директор или концепт уметник ги црта за да ги видиме визуелно, да можеме да ги развиеме. После, тој развој од цртање се пренесува во 3Д каде што почнуваме да ги моделираме за да стигнеме до финалниот производ, а тоа ќе биде 3Д-то комплетно со текстури итн“, вели Дамјан Митревски, извршен директор на „V House Animation“.

Митревски особено се гордее со фактот што тие се пионери во државата во индустрија каде што се доминантни големи играчи како САД. Во Северна Македонија речиси и да не се продуцираат меѓународни серии, вели тој.

„За жал, нема премногу места и институции во државата кои што може да им овозможат знаење на 3Д да речеме, (или) конкретно тоа што ние го работиме кај нас, на ниво кое што ќе биде навистина добро за да можеме да работиме на интернационални проекти. Повеќето луѓе што доаѓаат (кај нас) се самоуки но желни да научат, да станат артисти, 3Д артисти. За наша среќа, но и за среќа на државата и за сите компании што се во државата постојат такви луѓе. ...Ние организираме и курсеви на кои ги обучуваме тие луѓе за да стигнат на ниво прифатливо за компанијата“, додава Митревски.

„Агент 203“ е првата 3Д анимирана серија, која се состои од 26 епизоди во првата сезона и е наменета за деца на возраст над 7 години. Директорката за комуникации во продукциското студио „V House Animation“, за Гласот на Америка вели дека по успехот на првата сезона, започнале да ги подготвуваат новите епизоди од втората сезона.

„Целата серија, идејата за серијата произлегува од нашите колеги од „V House Animation“ студиото. Значи, првите сценарија за првите епизоди произлегуваат од нас, идејата за карактерите како тие да се формираат, нивната изработка, значи она што го викаме ние создавање на карактер и создавање на самите ликови. И она што е посебно интересно е дека кај нас го имаме првиот режисер на анимиран серијал. Серијата успеавме да ја продадеме на РТЛ + односно на нивните сопственици на Дизни. Таа веќе е преведена речиси на сите европски јазици, може да се најде на каналите на Дизни и е прилично популарна“, вели Ели Пешева, директорка за комуникации на „V House Animation“.

Таа додава дека анимираната серија освен што е создадена за деца, истата е наменета и за нивните родители.

„Создаваме производ кој што комуницира на неколку нивоа. ...Кога ќе кажете анимиран филм, цртан филм или анимирана серија, пред се мислите ова е за деца, но всушност треба да се најде јазикот со кој што ќе се искомуницира и со нивните родители или со нивните блиски со кои што тие ќе отидат во кино или ќе седнат дома пред телевизор да го гледаат. Значи, треба да се најде спојка за две или три комплетно различни генерации и тоа да биде забавно, привлечно и интересно за сите нив“, рече Пешева.

Ова, релативно мало македонско студио има и други значајни проекти во своето портофолио. Соработката со светски познати продуцентски куќи ги ставило на мапата во индустријата за анимации со „Пајни, осамената елка“, „Тарзан и Џејн“, „Елена од Авалор“, „Челичниот Макс“ и многу други.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG