Државите тешко погодени од ураганот Хелен кон крајот на септември и ураганот Милтон на почетокот на овој месец се обидуваат да се вратат во нормала, со повторно снабдување со електрична енергија и отстранување на отпадот.
Претседателот Џо Бајден ги посети погодените области во Флорида претходно оваа недела.
„Не како демократи или републиканци, туку како Американци, Американци на кои им треба помош и Американци кои би ви помогнале доколку сте во иста ситуација“, рече Бајден.
Но, тешко е да се одвојат временските неприлики од политиката. Студиите покажуваат дека гласачите ја наградуваат партијата на претседателот кој е на власт кога владата ќе се справи со помош при катастрофи, но ги казнуваат кога тоа не го прават.
Демократската претседателска кандидатка Камала Харис ги истакна напорите на администрацијата на Бајден.
„Разговарав со државните и локалните функционери, со републиканците и демократите, за да им кажам дека ќе бидеме со вас во секое време“, рече Харис.
Нејзиниот републикански ривал, Доналд Трамп, шири дезинформации за одговорот на федералната влада, тврдејќи дека ги избегнувала републиканските области и дека ги искористила средствата за помош за да им помогне на илегалните имигранти.
„Федералната влада, од друга страна, не го направи она што треба да го направи, особено во однос на Северна Каролина. Тие дозволија тие луѓе да страдаат неправедно“, рече Трамп.
Сезоната на урагани во Атлантикот е во самиот пик непосредно пред изборите во ноември. Со децении, функционерите вградуваа непредвидени катастрофи во нивното изборно планирање. Но, сега мора да се справат и со дезинформациите.
„Тоа е најголемиот предизвик со кој се соочуваат во моментов особено изборните функционери по ваквите катастрофи, бидејќи гледаме на социјалните мрежи луѓе кои се сомневаат во способноста на гласачите да гласаат, поради влијанието што ураганите го имаа врз изборите, и дека поради тоа сега нема да гласаат. Ние навистина ги охрабруваме гласачите да обезбедат доверливи извори“, рече Ким Вајман од двопартискиот политички центар.
Надвор од политиката, некои патишта сè уште се непристапни, зградите оштетени и луѓето се зафатени со обнова на нивните животи, поради тоа, излезноста на гласачите може да биде помала.
Штетата од бура може да влијае и на плановите на луѓето да гласаат преку пошта, што е дозволено во некои држави.
Речиси сите држави нудат некаква форма на предвремено гласање. Дури и без компликации како што се природните катастрофи, официјалните лица и активисти ги охрабруваат луѓето да го направат тоа.
„Имате повеќе датуми за да го дадете својот глас, наместо да го следите само денот на изборите, затоа што никој навистина не може да предвиди дали друга голема бура ќе влијае на нашата област или друг вид еколошка катастрофа да ја оневозможи нашата способност да гласаме тука во Џорџија“, рече Шасиди Малој од фондот за едукација на гласачите во Џорџија.
Со тесна трка во двете држави погодени од бурата, Џорџија и Северна Каролина, властите во некои окрузи дозволуваат поголема флексибилност за да им овозможат на луѓето да го дадат својот глас.
Facebook Forum