Линкови за пристапност

Како прорепубликанската Невада стана одлучувачка сојузна држава? 


Како прорепубликанската Невада стана одлучувачка сојузна држава? 
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:24 0:00

Во САД, сите очи се вперени во седумте таканаречени одлучувачки држави кои се очекува да го одредат исходот од претседателските избори. Додека некои од нив се променија политички со текот на годините, сојузната држава Невада не се приклонува кон ниту една голема партија. Известува Дора Мекоуар

Невада — дом на 3,1 милиони луѓе — веројатно е најпозната по Лас Вегас — нејзиниот најпознат град, познат и како Град на гревот.

„Тие се малку парадокс. Мислам, се гледаат како можеби либерална држава. Тоа беше првата сојузна држава што навистина го поттикна разводот без никој да е виновен. Во одредени окрузи има коцкање, се дозволува проституција, но има и присуство на конзервативност во некои аспекти“, вели Том Рејли од Државниот универзитет на Аризона.

Невада сигурно гласаше за републиканците од доцните 1960-ти на почетокот од 2000. Оттогаш, сојузната држава има различен исход меѓу двете политички партии. Населението на Невада е повеќе од тројно зголемено од 1980 година. Многу новодојденци се од претежно либералната Калифорнија.

„Округот Кларк, каде што се наоѓа Лас Вегас, има население од 72% со право на глас во оваа сојузна држава. Значи, Невада која некогаш беше рурална држава на планинскиот Запад, стана урбана држава на Западниот брег“, посочува Кен Милер од Универзитетот на Невада.

„Тука е Вегас, а потоа и остатокот од Невада. И од тоа што го знам, Вегас има тенденција да биде продемократски, додека остатокот од Невада е прорепубликански. Но, поголемиот дел од населението е во Вегас“, вели Давид Карденас, жител на Невада.

И покрај брзото зголеумвање на населението, Невада во голема мера останува работничка класа, со многу жители кои работат физички работи.

„Што се однесува до платите, невработеноста, достапноста на становите, инфлацијата, цените на горивото, сите тие нешта влијаат на луѓето малку повеќе во Невада отколку во некои други сојузни држави“, додава Милер.

Студентите на колеџот на Универзитетот на Невада во Лас Вегас ги истакнаа нивните главни проблеми. Некои ќе гласаат за првпат сега кога наполниле 18 години.

„Дефинитивно абортусот, економијата. Образованието исто така“, нагласува Саманта Адами, жителка на Невада.

„Состојбата со економијата. Веројатно границата“, додава Давид Карденас, исто така од Невада.

„На некој начин сум во финансиски проблеми. Би сакал да можам да си дозволам поквалитетна храна. Би сакал да можам да имам една работа која е доволно платена за да ми помогне со сите мои потреби“, укажува Чарлс Дејвис, жител на Невада.

Кога ќе гласаат на општите избори во ноември, жителите на Невада ќе гласаат и за тоа дали да се вметне правото на абортус во државниот устав.

„Прашањето во целина веќе се покажа како голем двигател, голем мотиватор на излезноста во споредба со претходните избори“, вели Ребека Гил, од Женскиот истражувачки институт на Невада.

Сепак, Милер вели дека никој не треба да ги потценува шансите на поранешниот претседател Доналд Трамп да ја освои Невада.

„Мислам дека Трамп се перципира како кандидат кој нема шанси да ја освои Невада само зашто не победил во два наврати. Не би ја отфрлил важноста на економските прашања како двигател на одлуката за гласачите во оваа сојузна држава“, додава Милер.

Критичната улога на Невада како одлучувачка сојузна држава е причината зошто и двајцата претседателски кандидати - Трамп и потпретседателката Камала Харис - поминуваат време овде. Зашто, во крајна линија, она што се случува во Вегас, може да одреди кој ќе ја води Америка во следните четири години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG