Линкови за пристапност

Унгарија во моментов има специфична улога бидејќи претседава со ЕУ, вели Муцунски, за Гласот на Америка


Сите земји членки на ЕУ кои што сакаат активно да помогнат за овој неправеден спор кој што и се наметнува на државата, секоја иницијатива од наша страна ќе биде позитивно прифатена, бидејќи на крајот, земјите-членки се тие кои што одлучуваат за следниот чекор, коментира Муцунски.

Глас на Америка: Албанија продолжува а Северна Македонија чека. Се оствари сценариото за кое се предвидуваше дека двете земји се одвојуваат на патот кон ЕУ. Како Северна Македонија да го фати возот кон ЕУ?

Тимчо Мучунски: Не би се согласил во целост со констатацијата дека чекаме. Правиме опипливи работи, преземаме опипливи мерки, најпрво да ја приближиме државата кон европските стандарди. Најдобар доказ за тоа е прифаќањето на реформската агенда кој што и даде на државата пристап до планот за раст. Точно е од техничка гледна точка, поради лошо одлучување во минатото од страна на нашите претходници, сме ставени во една непријатна ситуацијата. Треба да се најде решение кое што ќе не одблокира од техничка гледна точка за да можеме да ги отпочнеме преговорите. Тоа е суштинско битно прашање, тука се согласувам во целост, но тоа треба да го направиме на пристоен начин, на начин на кој ќе имаме сигурност дека нашиот пат за пристапување ќе биде предвидлив. Комуницираме со земјите членки, комуницираме со стратешките партнери, очекуваме позитивен исход, од изборите кај нашиот сосед Бугарија. Не е наше да одбереме кој ќе формира влада но посакуваме да има влада со политички легитимитет со кој ќе можеме да разговараме и најдеме излезе од една непријатна ситуација, која е резултат на претходна попустлива надворешна политика.

Глас на Америка: Според изјавите од владиниот врв во Скопје, барем засега, усвојувањето на уставните измени е неостварливо. Реално, дали европскиот пат на Македонија е блокиран?

Тимчо Мучунски: Зависи од која перспектива го гледате прашањето. Се согласувам, предизвик, има. Европскиот пат според нас треба да биде поврзан со мерки, реформи коишто произлегуваат од копенхашките и мадридските критериуми, и ние тука ќе си ја завршиме домашната задача. За прв пат, ќе има влада која нема само да го парафразирам премиерот „нема само да мафта со европско знаменце, а во позадина да биде корумпирана, туку ќе има влада која што на дело ќе покажува како ќе се реформира и правосудството и јавната администрација, и системот на јавни финансии, и низа на други прашања. Но, се согласувам дека треба да се направи тој политички исчекор, и да се отпочнат преговорите. Ако се сеќавате, долги години со реторика не лажеа дека веќе преговараме, но сега гледаме дека навистина не сме ги отпочнале преговорите. Сметам дека во моментот кога ќе почнат преговорите, се што ќе биде направено, поврзано со конкретните реформи, ќе бидеме многу понапред и со многу земји кои што преговараат со ЕУ.

Глас на Америка: И, унгарскиот премиер Орбан се понуди да биде посредник во спорот со Бугарија. Може ли Орбан да помогне?

Тимчо Мучунски: Сметам дека сите земји - членки можат да помогнат. Унгарија во моментов има специфична улога бидејќи претседава со ЕУ. Од таа гледна точка сите земји членки на ЕУ кои што сакаат активно да помогнат да се изнајде решение за овој неправеден спор кој што и се наметнува на државата, секоја таква иницијатива од наша страна ќе биде позитивно прифатена, бидејќи на крајот, земјите-членки се тие кои што одлучуваат за следниот чекор.

Глас на Америка: Се видовте со претставници од американската администрација, стратешкиот партнер на Македонија. Што ви пренесоа на средбите?

Тимчо Мучунски: Заеднички се согласивме дека стратешкото партнерство меѓу нашите две држави е клучно. Ние немаме поголем партнер, не само политички туку и безбедносен и економски партнер од САД. Од таа гледна точка ќе преземеме дополнителни чекори за зајакнување на тоа партнерство. САД се наш клучен партнер во НАТО, каде што седиме на иста маса и сме членки, но се и партнер кој иако не е членка на ЕУ, сепак, може со свое влијание ја да помогне во процесот на интеграција за земјата и за целокупниот регион.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG