Линкови за пристапност

Ана Крстиновска, „Естима“: Сериозен ризик е задолжување кај Кина во услови на затегнати релации Кина – Западен свет


Самото задолжување кон Кина, најчесто се заснова на асиметрични договори. Договорот за кредитот од Ексим банката, содржи одредба со која, доколку дојде до спор, арбитражата ќе биде во Кина, според правила на кинеското законодавство, вели Ана Крстиновска од „Естима“ во разговор за Гласот на Америка.

Расте позитивната перцепција за Кина во македонската јавност, иако автопатот Кичево – Охрид, кој се гради со кинески кредит, е далеку од завршување. Тоа меѓу другото се наведува во едно од поновите истражувања на невладината организација „Естима“ за кинеското влијание во македонското општество.

„Кина во последните десетина години многу инвестира во нејзината промоција во странство и ширењето на нејзината т.н. мека моќ. Еден од начините на кои што го прави го тоа е преку пласирање на исклучително позитивни содржини за Кина во медиумите. Додека, пак, онаа, реална слика најчесто останува не пренесена, не излегува од границите на Кина. Не стигнува во дел од државите како што е Македонија“, објаснува во разговор за Гласот на Америка, Ана Крстиновска, основачка и претседателка на „Естима“.

Според истите објаснувања, една од причините за таквата перцепција е недостатокот од домашни истражувања поврзани со кинеските влијанија.

„Има и многу малку оригинални текстови кои се однесуваат на Кина и коишто би ја претставиле Кина во реално светло. Тоа, пак, на Кина ѝ овозможува да се претстави како економска супер-сила, да ги прикрие сите кржења на ќовековите права, спорови со соседите“, додава Крстиновска, која е детален познавач за релациите на Кина со ЕУ и Западниот Балкан.

Периодот на пандемијата и донацијата од кинески вакцини исто така придонеле за кревање на позитивната перцепција кон Кина. Сепак, според истражувачите, таквата слика не е целосна.

„Кина ја искористи таа ситуација преку нејзината дипломатија на ‘маски’ или на ‘вакцини’, за да се претстави како кредибилен партнер за регионот и притоа многу од информациите коишто беа пласирани не беа целосни, или не беа засновани на факти. На пример, ние зборувавме за респиратори коишто требаше да дојдат од Кина. Но, никаде во тие известувања не стоеше дека респираторите нема да бидат донација, туку ќе бидат набавка од Кина, со европски средства“, објаснува Крстиновска.

Нашата соговорничка смета дека сегашната македонска влада ќе одржува економски соработки со Кина. Но, посочува да се избегнува задолжувањето како во 2013 година.

„Не гледам причина зошто би продолжиле да земаме кредити од Кина, кога од друга страна ни се нудат многу поволни европски средства, преку новиот план за раст и реформи на Европската комисија, коишто, проекти, и самото нивно спроведување, е усогласено со најдобрите европски и светски практики, и коешпто нема до создаде зависност од Кина преку задолжување“, посочува Крстиновска.

Причина за внимателност се политичките цели зад заемите.

„Самото задолжување кон Кина, најчесто се заснова на договори кои се во голема мера асиметрични. Договорот за кредитот од Ексим банката, содржи одредба којашто кажува дека, доколку дојде до спор, арбитражата ќе биде во Кина. Применливо законодавство е кинеското законодавство. Како и тоа дека Кина има право да дозволи или да не дозволи репрограмирање, или, пак, предвремено да го раскине договорот поради политички, дипломатски причини, или поради некоја промена во однос на јавните политики“, вели Крстиновска.

Аналитичарката посочува уште една причина зошто не е препорачливо да се земаат кредити од Кина.

„Во услови на глобална нестабилност и на тензии меѓу Кина и западниот свет, од којшто и ние сме дел, ваквото задолжување може да претставува сериозен ризик“, смета Крстиновска.

Трговските договори на Кина со Србија се наведуваат како пример за вметнување на кинеските политички интереси на Балканот.

„Уште еден пример за таа политичка соработка гледавме во текот на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија во мај годинава, кога беше потпишан договор за екстрадиција со Кина. Тоа не само што е целосно спротивно на заложбите за заштита на човековите права, коишто Србија ги има преземено како држава кандидат за членство во ЕУ, туку и во спротивност со правилата на Советот на Европа, каде што Србија, како што и сите држави од Европа се членки“, посочува Крстиновска.

Според истражувачите од „Естима“, малата трговска размена и релативно нискиот надворешен јавен долг од 8,7 проценти кон Кина, засега го држат на безбедно македонското општество од таканаречената Кинеска должничка стапица.

„На тоа е малку појасен одговорот. Мислам дека не сме во таков ризик, за разлика од држави коишто имаат многу поинтензивна економска соработка и многу поголем надворешен долг кон Кина“, заклучува Крстиновска во разговорот за Гласот на Америка.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG