Контрастот помеѓу републиканската и демократската национална конвенција е многу јасен. Како и погледот на двете партии кон мажественоста.
Харис, првата жена потпретседател на земјата, се појави на конвенцијата со нејзиниот потпретседателски кандидат, гувернерот на Минесота, Тим Волц, и сопругот Даг Емхоф - мажи кои преземаа споредни улоги како претседателски партнери, кои традиционално ги имаат жените.
Демократите велат дека двајцата мажи претставуваат „позитивна мажественост“- термин измислен во контраст со она што некои го нарекуваат „токсична мажественост “ или строго придржување кон стереотипните машки полови улоги што може да доведе до обезвреднување на жените и другите.
Трамп е самопрогласен борец, имиџ што го промовира неговиот потпретседател, сенаторот Џеј Ди Венс.
„Имаме можност која е еднаш во животот повторно да избереме човек кој е цврст кон длабоката државна бирократија. Цврст кон тираните ширум светот. Тој беше премногу силен дури и за куршум од атентатор“, истакна Ди Венс.
Двојката прифаќа потрадиционален стил на мажественост.
„Идејата е дека мажите се одговорни и ги носат одлуките. Одреден тип на маж, театрално силен човек, кој има некаква патријархална контрола врз семејството“, објаснува Кристин Емба, специјалистка за родови прашања.
Волц е пример на демократите против тој наратив. Тој е поранешен фудбалски тренер, ловец кој бил во војска, кој дава совети за поправка на дом и автомобил. А за репродуктивната слобода - клучно прашање за демократските гласачи - тој зборува од лично искуство.
„На Гвен и на мене ни беа потребни години, но имавме пристап до третмани за плодност. И кога се роди нашата ќерка, ѝ го дадовме името Надеж“, рече Волц.
Емпатијата и ранливоста на Волц се во спротивност со она што се смета за потрадиционални машки квалитети, како што се силата и доминацијата што ги истакнува Трамп.
„Другарке Харис, отпуштена сте. Бегај одовде“, истакна Трамп.
Анкетите покажуваат дека жените ја фаворизираат Харис, а мажите Трамп, додека јазот е најочигледен меѓу младите.
Вознемиреноста поради промената на улогите може да биде фактор на изборите. Со движењето #МиТу, феминистките сакаа да го променат начинот на кој се распределува моќта. Овие разговори можеби се неразбирливи за некои мажи.
„Имаше чувство дека нивната мажественост на некој начин беше доведена во прашање, и треба повторно да ја потврдат или да ја вратат таа моќ што е загрозена или изгубена“, смета Кели Дитмар од Универзитетот „Рутџерс“.
Други фактори вклучуваат промени во демографијата - со побрз раст на популациите кои не се бели. И во економијата - технолошките работни места се приоритетни пред традиционалниот труд.
„Значи, сите овие промени што се случуваат одеднаш им се закануваат на многу белци кои велат мораме да направиме нешто за да го заштитиме она што ни е познато. И она што тие го знаат е она за што зборува Доналд Трамп“, посочува Ханк Шеинкопф, политички консултант.
Кампањата на Трамп агресивно им се додворува на машките гласачи преку онлајн форуми кои промовираат мажественост. Во меѓувреме, демократите се приклонуваат кон правата за абортус. Сите овие прашања би можеле да го мотивираат одѕивот на различни групи на изборите во ноември.
Facebook Forum