Линкови за пристапност

Жените затворенички во Идризово се жалат на лошите услови и рехабилитацијата во затворот


Жените затворенички во Идризово се жалат на лошите услови и рехабилитацијата во затворот
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:32 0:00

Многу аспекти на целите на издржувањето казна во најголемиот затвор на Северна Македонија се занемарени заради низок приоритет на институцијата во државниот буџет. Сторија на Мартин Николовски.

Иако на прв поглед условите изгледаат пристојни, посетителот во женското одделение на затворот „Идризово“ може брзо да забележи влага, мувла и непријатна миризба. Затвореничките се жалат на искршени санитарни јазли, проблеми со греењето и недоволно храна. Велат, добиваат само еден оброк на ден и на располагање им е само една машина за перење облека.

Меѓу затвореничките во овој затвор е и Шефие Јакупи од Кичево, осудена на 20 години казна затвор за убиство на нејзиниот сопруг. Таа вели дека осуденичките зависат од помош од надвор што создава голема нееднаквост:

„Услови, ич не чинат за ништо. Ама за ништо. Услови нема. Ладно е, едно јадење ни носат, ако немаш од надвор пакети, трпиш. Некој има, некој нема“, вели затвореничката Шефие Јакупи.

И Анита Стојова од Тетово таму отслужува казна заради убиство на сопругот.

„Условите... Условите се најниски од минималните. Со хигиена, со влага, со храна како прво. Има жени што преживуваат само на овдешната храна, така што кога би почнала, би почнала со храната“, изјави Стојова.

Директорот на Казнено-поправната установа „Идризово“, Зоран Јовановски, вели дека се прават напори за подобрување на условите во одделот за жени.

„Делумно сум задоволен од условите, меѓутоа делумно и не сум задоволен затоа што објектот каде што се сместени затвореничките е многу стар и вложувањата во неговото одржување во минатиот период многу малку е вложувано, така да народно кажано е запоставен тој објект“, рече директорот на КПУ Идризово, Зоран Јовановски.

Професорката на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, д-р Ангелина Станојоска, смета дека треба подобро да функционира процесот на третман на затворениците во пенитенцијарните установи.

„Оние кои што се вработени во секторите за ресоцијализација воопшто не се виновни, затоа што од една страна бројот на вработени е многу низок и кога ќе споредите со бројот на осудени лица, често пати се случува еден вработен да работи со сто осуденици, што е невозможно да го направи затоа што процесот на третман вклучува најразлични методи. Од друга страна, голем дел од установите, еве женското одделение не е реновирано откако е отворено. Така што, материјалните услови се на ниво кое што не е на ниво на човековото достоинство, бидејќи не е важно дали тоа се луѓе кои извршиле кривично дело. Државата има обврска да им овозможи основни материјални услови за живот“, вели вонр. проф. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет при УКЛО.

Големи забелешки од лицата кои отслужуваат затворска казна се однесуваат и на ресоцијализацијата. Во „Идризово“ тоа е сведено на една воспитувачка која се грижи за менталното здравје на сите затворенички. Вокациските активности, пак, се сведени на часови за шиење или фризер, како и ангажман во кујната и пералницата.

„Јас во моментов сум вработена во чајната кујна во затвореното одделение и претежно преку ден сум таму, се ангажирам со жените да готват, понекогаш се вклучувам и во генералки кога има за чистење“, вели затвореничката Анита Стојова.

За некои времето е голема празнина што треба да се исполни без опции за тоа:

„Времето никако не поминува. Легни, стани, излези во ходник... Тешко, многу тешко. Досадно ми е многу. Еднаш излегов за викенд дојде ќерка ми, четири дена ме шетаа во Скопје, ми беше убаво надвор, но морав да се вратам“, рече затвореничката Шефие Јакупи.

Но, свеста дека рехабилитацијата треба да почне уште при издржување на казната почнува да пенетрира и во пенитенцијарниот систем на Северна Македонија, за што зборува релативно нов проект познат по кратенката „ДиКапСИВ“. Имено, годинава за прв пат 20 затворенички на кои им завршува издржувањето на затворската казна добиле обука за дигитални вештини.

„Дигиталната рехабилитација веќе е вклучена во процесот на третман во сите европски земји и во САД. Дигиталната рехабилитација не вклучува само основни дигитални способности, туку осудените лица може да завршуваат дури и професионални курсеви на интернет. Значи, образование за животот надвор од установата. Така ... кога (лицето) ќе излезе по завршувањето на казната затвор да може без никаков проблем да се прилагоди на животот во општествената заедница што е и една од целите на издржувањето на казната затвор“, смета вонр. проф. д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет при УКЛО.

Женското одделение во затворот „Идризово“ е изградено и пуштено во употреба во 1986 година. Иако условите во установата се под минималните, во Буџетот на државата за оваа година нема предвидено средства за градежни зафати на овој објект.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG