Линкови за пристапност

Органодарителството во Северна Македонија сѐ уште е табу тема


Органодарителството во Северна Македонија сѐ уште е табу тема
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:22 0:00

Многу е лошо да се каже но, тоа е лотарија, некои пациенти одеднаш ќе дојдат на прво место, затоа што сè им е компатибилно, a има и такви кои со години чекаат, вели Маја Мојсова Мијоска, поранешен национален координатор за трансплантација во изјава за Гласот на Америка. Известува Мики Трајковски.

Дарувањето органи во Северна Македонија сѐ уште е на многу ниско ниво. На оваа тема многу малку се зборува дури и во општеството. Ретки се и кампањите за подигнување на свеста на граѓаните за оваа проблематика, како онаа која неодамна се одржа во Охрид. Според македонскиот закон, секој граѓанин е потенцијален донатор, доколку поинаку не се изјасни во текот на животот, а семејството е тоа што го има последниот збор.

„Проблемот за недостиг на органи е во тоа што свесноста кај граѓаните е на многу ниско ниво и покрај силните кампањи што се прават од здружението „Храбро срце“ и заложбите што се прават од страна на надлежните, е поместено од мртва точка“, вели Васко Јолески, претседател на здружение „Храбро срце“.

За трансплантација, улога играат повеќе фактори. Но, мал е бројот и на органи, не само кај нас, туку и насекаде во светот, вели Маја Мојсова Мијоска, поранешен национален координатор за трансплантација.

„Ова не е пазар, но едноставно за почеток доколку некој дарува орган, прво треба да се доживее смртен исход, односно мозочна смрт, а потоа и семејството да дарува. Многу е лошо да се каже но, тоа е лотарија. Тогаш има пациенти кои наеднаш ќе дојдат на прво место, затоа што се им е компатибилно. Има и такви кои со години чекаат“, вели Мијоска.

Неопходна е и поголема поддршка од државата и вложување многу повеќе во трансплантација.

„За подигање на свеста кај населението потребно е државата да вложи малку повеќе внимание на таа проблематика и да ги поддржува здруженијата, како што е „Храбро срце“ и другите кои ја поттикнуваат свеста за дарување органи, но и државата сама да води национална кампања за оваа проблематика“, вели Јолески.

Дополнителен проблем е што земјава не е дел ниту од меѓународната организација „Еуротрансплант“, која е одговорна за поттикнување и координирање на трансплантацијата на органи во земјите од ЕУ. За тоа се потребни одредени услови кои треба да се исполнат.

„Нема да бидеме дел од ‘Еуротрансплант’ уште долго. Не е само бројката на дарители, туку и акредитираните лаборатории. Јас сметам дека иднината можеби не ни е таму и оти ние треба да размислуваме локално тука и оти можеби Балканот е таа зона каде ние треба да соработуваме. И, сметам дека тоа ќе отвори многу можности за сите граѓани на Балканот“, вели Мојсова.

Во моментот стотина македонски граѓани чекаат за трансплантација на некој орган. Меѓу нив и се и оние со механичка циркулаторна потпора на срце.

„Животот со механичка потпора на срце е тежок, бидејќи постојано се соочуваме со предизвици од типот, дали имаме струја или немаме. Сите пациенти живеат како мобилен телефон. Дење се приклучени на батерии, ноќе се приклучени на штекер. Најмладиот пациент со пумпа има 29 години, со една пумпа. Имаме пациент од 31 година со две пумпи на срцето“, вели Ирена Ралева Најдевска, сопруга на пациент со две механички потпори на срце.

На листата за чекање за трансплантација во земјата се наоѓаат дваесетина други за срце, петанесетина за црн дрб и педесетина за бубрег. Меѓу нив и многу млади пациенти, како на пример на 16 и 17-годишна возраст.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG