Владејачката коалиција се обедини во заштита на собранискиот спикер чија смена бара опозицијата по инцидентот на скопскиот аеродром. Барањето одговорност од Африм Гаши во форма на интерпелација, за коалицијата „Вреди“ е анти НАТО експеримент.
„На фанфари се бара политичка одговорност. Се прави конструкција со обезбедувањето на Претседателот на Собранието. Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е подржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор“, пишува во соопштението на „Вреди“.
Проценките на оваа коалиција албански партии, чиј дел е и спикерот Гаши, е дека станува збор за обид за ставање на тест на владејачкото мнозинство.
„Пратениците на `ВЛЕН` се подготвени да ја бранат честа на албанскиот народ, стратешкото партнерство со САД и ЕУ вредностите“, соопштуваат од оваа коалиција со што јасно укажуваат дека немаат намера да бараат политичка одговорност од претседателот на Собранието.
Тоа е ставот и на најголемата партија во владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ – дека кај Африм Гаши нема вина за инцидентот во кој и тој учествувал зашто без законска основа го пратил своето обезбедување да го расчистува случајот на скопскиот аеродром.
За опозицијата ова е знак дека премиерот си ги погазил ветувањата дека секој што ќе се огреши ќе одговара.
„Мицкоски коленичи пред Гаши и ова е жално за гледање. Ниту СДСМ ниту било кој друг не напиша јасно во полицискиот извештај дека е издадена `незаконска наредба од страна на Претседателот на Собранието`. Треба ли поголем доказ од ова? За жалење е и министерот Тошковски кој наутро во извештајот пишува незаконска наредба од Гаши, а вечерта го брани дека немало основа за кривична одговорност. Се што е спротивно на законот носи правна одговорност и ова е класично замижување пред правдата со цел да се спаси коалицијата. Го повикуваме Мицкоски да се одважи и да го смени Гаши“, порачаа социјалдемократите.
Facebook Forum