Мал број израелски семејства во населбата Евјатар на северот на Западен брег живеат во мобилни домови и тешки услови. Но, тие веруваат дека придонесуваат за безбедноста на државата Израел.
„Важно е не само за мене да бидам овде, туку и за сите Евреи. И тоа не е овде во Евјатар, туку во целата држава Израел. Еврејскиот народ 2.000 години живее во сите земји во светот и, секој пат, нациите во светот се обидуваат да не` убијат“, вели Серах Лисон, еврејска доселеничка на Западниот брег.
Евјатар е една од петте населби што израелската влада неодамна ги легализираше, што значи дека тие ќе можат да се прошират, да градат постојани домови и да имаат корист од развојот на инфраструктурата.
Кампот Хават Гилад во областа Шомрон на северниот дел на Западен брег сè уште не е легализиран.
Но, доселеникот Јехуда Шимон вели дека тој и неговите 10 деца имаат право, дадено од бог, да живеат тука.
„Не сакам некој надвор од Израел да дојде кај мене и да ми каже кои се моите права. Затоа што ова е моја земја. Јас живеам овде“, вели Шимон.
Многу од овие населби се сметаа за нелегални, дури и според израелскиот закон, а неколку насилно беа демонтирани.
Но, сегашната тврдокорна израелска влада одвои милиони долари за да дозволи овие населби да се прошират и е во процес на легализирање на десетици од нив.
Меѓународниот суд на правдата на ОН неодамна пресуди дека израелската окупација и населување на Западен брег се нелегални, во исто време кога израелскиот Парламент гласаше против формирањето на палестинска држава на оваа територија.
Израелските противници на проширувањето на населбите велат дека постоењето на 500.000 еврејски доселеници на Западен брег, како и 200.000 во источен Ерусалим има долгорочни импликации.
„Оваа израелска влада воопшто нема намера да има палестинска држава. Тие сакаат да ги анектираат овие територии и, според владата, Палестинците ќе продолжат да бидат под окупација, а Израелците ќе продолжат да бидат окупатори“, вели Лиор Амихаи од невладина организација за поддршка на Израел.
Неколку тврдокорни членови на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху повикаа на анексија на 60 отсто од Западен брег што е под единствена израелска контрола.
Facebook Forum