Македонската делегација во Вашингтон на Самитот на НАТО ја предводи премиерот Христијан Мицкоски што е негово прво учество на ваков значаен собир по преземањето на функцијата.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Тимчо Муцунски е дел од делегацијата и во ексклузивно интервју за Гласот на Америка на македонски се осврнува за прашањето и жестоките реакции со употребата на уставното име Северна Македонија.
Глас на Америка: Се одбележува 75 годишнината од НАТО, тука во Вашингтон. Како ја оценувате досегашната соработка и учество на Северна Македонија во Алијансата? Сега, со нова власт во Скопје, дали ќе продолжи безрезервната воена поддршка за Украина?
Mуцунски: Дефинитивно, без никаков сомнеж. Ќе останеме посветени на сите оние вредности коишто ги споделуваме со Алијансата во 21-от век, земајќи ги во предвид современите гео-политички околности, посебно она што се случува во Украина. Нашата посветеност на политиката на одбрана и одвраќање на НАТО останува да останеме усогласени со заедничката надворешна и безбедноста политика на ЕУ и да продолжиме да бидеме не само партнер на Украина од политичка гледна точка туку и од одбранбена и безбедносна. Тоа е тој предизвик со кој се соочуваме како глобална заедница, руската агресија која мора да има крај, посакуван за Алијансата. Тука нашата земја останува посветен партнер.
Глас на Америка: Министре, одредени кругови во меѓународната заедница, а секако и овде во Вашингтон, се прашуваат дали имаше и дали има потреба од повторно актуелизирање на прашањето за името со Грција преку „интерпретација“ на Преспанскиот договор. Премиерот ја даде заклетвата со уставното име, рече ќе го употребува во странство, но не и дома. Ваква „двојна формула“, според грчките реакции, не поминува во Атина. Што, всушност, новата Влада, сака да постигнете?
Ние, како политички субјект сме го кажале нашиот став за Преспанскиот договор. Од политичка гледна точка како претставник на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, сме кажале дека тоа е срамен и недостоинствен акт. Но, истовремено свесни сме за уставно-правната и политичката реалност која доаѓа со тој договор. Секако, и за обврските коишто државата ги преземала од гледна точка на меѓународното јавно право.Тимчо Муцунски, министер на надворешни работи на Северна Македонија
Mуцунски: Не е тоа двојна формула. Ние како политички субјект сме го кажале нашиот став за Преспанскиот договор. Од политичка гледна точка како претставник на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, сме кажале дека тоа е срамен и недостоинствен акт. Но, истовремено свесни сме за уставно-правната и политичката реалност која доаѓа со тој договор. Секако, и за обврските коишто државата ги преземала од гледна точка на меѓународното јавно право. Не можеме туку така да ги урнеме тие обврски. Затоа рековме, да, тоа е недостоинствен договор, но договор којшто имаме обврска да го почитуваме. Затоа ги преземаме сите потребни мерки да го почитуваме договорот. Тоа што премиерот вели колоквијално ќе се користи терминот Македонија во јавни говори дома не значи прекршување на договорот. Тоа е наше толкување на договорот. Тоа е јасно определено во членот 7, каде точно е објаснето како може двете страни да го користат и терминот Македонија, и терминот македонски, ѝ е објаснето дека тоа има различно значење и за двете страни. Од таа гледна точка признаваме дека имаме обврски, коишто имаме намера да ги почитуваме, и докажуваме на дело дека истите ги почитуваме, како дома така и надвор од државата, тоа е таа „ерга омнес“ употреба за која што говориме.
Глас на Америка: САД, кои се стратешки сојузник на Северна Македонија, веќе кажаа дека Преспанскиот договор мора да се почитува. Беа ли појасни на средбите кои ги имавте овде во Вашингтон?
Mуцунски: Мислам дека имавме одлични билатерални средби во Вашингтон со сите органи на власта на САД, како и претставници од Претставничкиот дом, сенатори, лица од Стејт департментот. Тоа беа средби кои дел ги имаше премиерот, а дел колегите министри. САД ќе останат наш стратешки партнер и во политичките односи и во делот на економијата, трговијата, борбата против корупцијата, сето она што е значајно за развојот на државата во времињата коишто доаѓаат.
Глас на Америка: Што, ако, пак, дојде до нова блокада поради неспроведување на Преспанскиот договор кој предвидува уставното име да биде за севкупна официјална употреба, што значи дека Вие како министер, во секој јавен настап, треба да го користите, но и премиерот и претседателката?
Mуцунски: Треба секогаш да бидеме внимателни, добро да ги почитуваме Договорите кои што се потпишани, и да постапуваме во духот на добра верба, во примената на договорите коишто произлегуваат од меѓународното право. Во тој контекст, новата македонска Влада, ќе продолжи да го прави тоа што го прави и досега. Не мислиме дека треба да навлегуваме во внатрешни политички случувања кај дел од нашите соседи. Нашата обврска е да ги штитиме националните интереси и сметаме дека тоа го правиме на соодветен начин.
Глас на Америка: Но, Вие, имате јавна функција, секој Ваш настап е јавен?
Mуцунски: Апсолутно сум крајно внимателен секогаш, при секој мој јавен настап, знаејќи дека позицијата министер за надворешни работи, веднаш, после претседателот на државата, претседателот на Собранието и секако претседателот на Владата, е во најголем фокус, кога се во прашање меѓународните односи. Секогаш сум внимателен како настапувам, кои термини, во кој контекст, и кога ги користам.
Глас на Америка: Како мислите, еве да речеме, да ги нормализирате релациите со Софија. Меѓународните партнери порачаа дека ре-преговарање на Преговарачката рамка е речиси невозможно, што значи дека без внесување на Бугарите во Уставот, земјата ќе остане заглавена – со почнати преговори, но не и со заглавени поглавја?
Каде што има добра волја има е добар пат. Ќе го бараме патот, ќе дискутираме, ќе аргументираме, но на прв план се македонските национални интереси.Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Северна Македонија
Mуцунски: Убеден сум, но и Владата предводена од премиерот Мицкоски, дека во меѓународните односи треба да постапуваме прагматично, и со логични аргументи. Логиката на нашиот аргумент добива се попозитивно внимание во последните неколку недели. Како тоа го аргументираме? Да, сакаме да се движиме напред, кон европскиот пат, бидејќи нема друг пат за иднината на нашата држава. Сакаме, тој пат да биде предвидлив. Да знаеме дека нема повторно да се соочиме со билатерална пречка на патот кон ЕУ, и да знаеме дека нашите соседи нема повторно да имаат некој нов нелогичен аргумент кои што не произлегува од вистинските критериуми на ЕУ. Затоа велиме, дајте да воспоставиме некој механизам во односот со Бугарија, којшто ќе ни обезбеди предвидливост. Затоа што дополнително, ново разочарување, со некој нов измислен билатерален проблем кој што не е поврзан со правото на ЕУ, не само што ќе предизвика ново разочарување за граѓаните на нашата држава, туку ќе има понатамошни негативни импликации за процесот на проширување на ЕУ во нашиот регион. Односно, ќе се намали кредибилитетот на ЕУ. Велиме, со овој наш пристап се штитиме себе си, целта на секоја влада е да го штити националниот интерес, но сметаме дека на среден и некој долг рок го штитиме и интересот на ЕУ, односно го зачувуваме нејзиниот кредибилитет. Каде што има добра волја, има е добар пат. Ќе го бараме патот, ќе дискутираме, ќе аргументираме, но на прв план се македонските национални интереси.