Шефовите на државите-членки на НАТО се собраа денес во Вашингтон на работна сесија на Самитот, додека се обидуваат да ја зајакнат поддршката на Алијансата за Украина и да ги подобрат сопствените напори за одбрана и одвраќање.
Тие разговори се водат со месеци на пониски нивоа, вклучително и на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО претходно оваа година, но сега останува на лидерите да ги обезбедат нивните конечни договори.
Распоредот денес се затвора со социјална нота, а американскиот претседател Џо Бајден ќе биде домаќин на сојузниците од НАТО на вечера во Белата куќа.
Со оглед на тоа што НАТО се соочува со можеби најголемиот тест во неговата 75-годишна историја, Бајден во вторникот се заложи за мир преку сила.
„Добро е што сме посилни од кога било“, рече Бајден, говорејќи на почетокот на тридневниот Самит.
„Затоа што овој момент во историјата бара наша колективна сила“.
„Автократите сакаат да го срушат глобалниот поредок, кој, во голема мера, [се чуваше] речиси 80 години и уште повеќе. Терористичките групи продолжуваат да заговараат зли шеми, да предизвикуваат хаос и страдање. Агресивната војна на Путин против Украина продолжува“, кажа Бајден.
„И Путин не сака ништо помалку – ништо помалку – од целосното потчинување на Украина, да се стави крај на демократијата на Украина, да се уништи културата на Украина и да се избрише Украина од мапата. И знаеме дека Путин нема да застане на Украина. Но, не правете грешка: Украина може и ќе го запре Путин“, рече Бајден.
Таа реченица предизвика бурни аплаузи од толпата лидери кои очекуваат да го финализираат планот за внесување на сегашните индивидуални национални напори за помош на војската на Украина во програма координирана од НАТО за снабдување на украинските сили.
И во вторникот, Бајден и другите лидери на НАТО објавија дека ќе испратат на Украина пет дополнителни системи за воздушна одбрана.
Аргументот на Бајден за зајакнување на одбраната беше зајакнат од другите членови на неговата администрација во вторникот, при што неговиот советник за национална безбедност разговараше со раководителите на одбранбената индустрија и се повика на аргументот стар колку што е римска поговорка: Ако сакате мир, подгответе се за војна.
Зголемувањето на производството и пополнувањето на залихите на оружје и муниција се во фокусот на сојузниците на НАТО, како што тие се обидуваат да ја поддржат војската на Украина и да обезбедат дека Алијансата го има она што ѝ е потребно за своја одбрана.
За време на неговите забелешки до раководителите на одбранбената индустрија во вторникот, советникот за национална безбедност Џејк Саливан претстави неколку конкретни чекори, вклучително и зајакнување на регионалните арсенали и способностите за команда и контрола за членките на НАТО да можат брзо да започнат акција доколку е потребно, истовремено зголемувајќи го индустрискиот капацитет на НАТО да одговара на зајакнатата руска одбранбена индустрија.
Ова, рече тој, е нешто што САД го направија, „вршејќи силни инвестиции во нашите одбранбени индустриски бази“ - потег што администрацијата тврди дека ѝ дал поттик на американската економија.
Шефот на Алијансата, генералниот секретар Јенс Столтенберг, почна да ја пренесува пораката веднаш штом слета во Вашингтон - буквално.
„И тоа ќе биде ветување што ќе помогне да ја направиме нашата индустрија низ Европа и Северна Америка посилна, поиновативна и способна да произведува во обем“, кажа Столтенберг.
Бајден, во своите забелешки, ја призна децениската улога на Столтенберг на чело на Алијансата со тоа што го изненади поранешниот норвешки премиер со најголемата цивилна чест на САД - Претседателски медал на слободата.
Но, аналитичарите продолжуваат да се прашуваат дали ова покажување на претседателска моќ на Самитот може да ги прикрие очигледните политички проблеми на Бајден дома, откако неговата лоша дебата доведе до зголемени повици тој да ја напушти претседателската трка во ноември.
„Тоа треба да не` потсети на критичноста на американското раководство на оваа Алијанса“, рече Жизел Донели, научен соработник во Институтот Американ Ентерпрајз.
„Тоа е американско создавање; преживува и напредува и напредува и е управувано од американското лидерство. И кога ќе се појават сомнежи за американското раководство и американските лидери… кога американскиот претседател ќе настине, НАТО добива пневмонија“.