Линкови за пристапност

Работници од Бангладеш доаѓаат после долги процедури, но некои бргу заминуваат


Работници од Бангладеш доаѓаат после долги процедури, но некои бргу заминуваат
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

Иако се најавуваше дека бројот на странски работници во угостителските објекти ќе достигне повеќе од 1000, тоа не се случи. Дел од странските работници се ангажираат и во градежниот сектор. Но, има и такви кои ги оставаат документите и преку ноќ заминуваат. Известува Мики Трајковски. .

На изградба на станбена зграда на влезот во Охрид од пред три месеци работат и неколкумина работници од Бангладеш. Сопствениците на градежната компанија биле принудени на овој чекор, поради сè помалиот број домашни работници, кои останале во земјата.

„Минатата година имавме 15-20 работници кои со години работеа кај нас, но заминаа од државата и имаме недостаток на работници и моравме да побараме“, вели Шериф Кадриоски, сопственик на градежна компанија.

Пред почетокот на туристичката сезона работници од Непал и Бангладеш, почнаа со работа и во некои од угостителските објекти покрај Охридското Езеро. Се најавуаше дека нивниот број ќе достигне повеќе од 1000, но тоа не се случи. Во меѓувреме десеттина од нив, ги напуштија своите работни места и заминаа во други држави. Со таков проблем се соочиле и од градежната компанија.

„Девет луѓе дојдоа, тројца од нив веќе се одјавени. Си заминуааат без најава. Веројатно одат понатаму. Целта им е веројатно Италија, Германија. Ние сме им попатна станица“, вели Лазе Попоски, управител на компанијата.

Многу често ги оставаат документите и така заминуваат.

„Еден од оние што замина пред три недели си го скина пасошот и замина како бегалец. Најверојатно нелегално ги преминуваат границите. Дали преку Албанија. Во најголем дел на црно заминуваат, како што кажуваат другарите нивни, преку езеро. Веројатно некој овде со тоа се занимава“, додава Попоски.

Тоа е забележано дури и во полициските билтени.

„Ако имаш среќа да останат, ќе останат. Оние со кои разговаравме, велат дека доѓаат тука за да останат. Но има и такви кои смислено доаѓаат, како претходна рута да им е Македонија и потоа одат надвор. Оставаат документи и бегаат“, вели Кадриоски.

Туристичките работници сметаат дека земјата најверојатно им е само попатна станица, затоа што овдешните примања не ги задоволуваат нивните очекувања.
„Затоа што тие доаѓаат за да заработат. Треба да се задоволни ако имаат кај нив понизок стандард, а ако е разликата многу мала, тогаш ќе бараат други дестинации, каде би заработиле повеќе него овде“, смета Владо Суклоски, туристички работник.

Затоа, вели Суклоски, државата треба да направи добра стратегија и македонскиот кадар кој заминува на работа во Хрватска и Црна Гора, да се задржи дома.

„Ако тие вредат за хрватскиот и црногорскиот туристички пазар значи сепак се вредни работници. Треба да им се даде подобра плата, подобри услови и да ги зачуваме идната година. Ако нашите работници, шанкери, келнери, кувари одат во Црна Гора и Хрватска, тоа неможеме да го покриеме ние со странци“, додава Суклоски.

За странските работници домашните бизниси одвојуваат месечно и по повеќе од 1.000 евра, за плати, сместување и храна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG