Вклучете го моторот, нагази на куплунгот и спуштете го култиваторот. Наталија Комнатна веќе напамет ја знае рутината.
„Малку ги ослободувам кочниците и продолжувам понатаму“, вели Комнатна.
Ова поле со сончоглед во регионот на Миколаив е работен простор за оваа вежба. Наталија штотуку го завршила курсот за да вози трактор, но можеби ќе ѝ треба помош од инструктор.
„Таа напредува добро, особено за прв обид“, вели инструкторот Олег Борисов и додава дека на почетокот било чудно да се учи жена како да вози трактор, бидејќи во Украина тоа се смета за машка професија.
Но, повеќе не е така. Неговиот шеф и директор на компанијата, Олексиј Цурика добил идеја.
„Со војната во Украина, нашите луѓе се мобилизирани во вооружените сили и ни треба некој да ги замени. Имаме голем недостиг од луѓе (за работа). Севкупно, 30% од машкиот персонал веќе го нема“, вели Цурика.
Идејата на Олексиј била поддржана од проект на Фондот за население на Обединетите нации, со поддршка на Европската Унија.
„Нашиот проект е за жените и можностите на жените. Имаме пет центри за вработување само во регионот на Миколаив. Им помагаме на жените да се пронајдат себеси и да ги преквалификуваме доколку е потребно“, објаснува Олга Степаненко од проектот „Ние делуваме“.
Проектот „Ние делуваме“ работи во четири региони во првите борбени редови. Курсот за возачи на трактори бил првиот што започнал да ги преквалификува жените. Проектот нуди и курс за дијагностика на автомобили и наскоро планира да започне со обука на женски возачи на камиони.
Наталија вели дека сега може да го издржува своето семејство и да ѝ помогне на својата заедница.
„Знам дека ако мојот сопруг е мобилизиран, ќе можам да се грижам за моето семејство, за себе. Веќе ја имав првата задача: обработив три хектари земја за мојот сосед“, додава новата трактористка која сонува еден ден да има своја нива и трактор. Засега, вели таа, ќе продолжи да се обучува.
Facebook Forum