Ова кафуле во Купјанск, Украина – на само 8 километри од линијата на фронтот – беше отворено во јули. Сопственик е Дмитро Кабанец од Харков. Тој веќе има синџир на кафулиња во Харков што го започнал во 2019 година.
„Имав идеја да отворам кафуле на ослободената територија од 2022 година. Тоа беше шанса не само да ја прославам културата на правење кафе, туку и да создадам место каде што локалното население ќе може да се одмори, да создаде можности за работа и да ги развесели луѓето!“, вели Кабанец.
Локалната жителка Алина, која не сакаше да го сподели своето презиме од безбедносни причини, работи во кафулето од првиот ден. Помага и нејзината ќерка Софија. Софија беше повредена во зимата, кога руските сили го гранатираа градот.
„Имаше гранатирање во близина на нашата куќа и бев повредена“, раскажува Софија.
Кабанец вели дека парите собрани во кафулето се испраќаат во регионот Харков за хуманитарни потреби.
„Во август купивме канцелариски материјал за локалните училишта. Иако часовите се одржуваат онлајн, сепак им требаат материјали. Нашиот профит беше мал, околу 250 долари и сето тоа го потрошивме за децата“, вели Кабанец.
Кабанец поседува и други кафулиња во градот Харков, на околу 30 километри од руско-украинската граница. Тој вели дека градот е постојано под гранатирање.
И покрај опасноста, холандскиот фоторепортер Коен ван Етен дошол во Харков на работа и благодарение на препораките на некои пријатели го нашол кафулето на Кабанец.
„Кафето е навистина добро, но мислам дека магијата на кафето се и луѓето кои го прават. Луѓето живеат овде, а јас сакав да ја доловам приказната за луѓето кои сè уште живеат овде и исто така да знам зошто избрале да останат – и затоа дојдов во Харков“, смета Ван Етен.
За некои, можноста да сварат кафе дава чувство на нормалност. Андриј кој е војник и кој не го сподели своето презиме од безбедносни причини - некогаш работел како бариста.
„За мене тоа е момент на релаксација, еден вид медитација и можност да заборавам на војната само за малку“, вели Андриј.
Кабанец вели дека не планира да замине, и покрај напредувањето на руските сили кон Харков. Уште повеќе, тој вели дека планира да отвори уште едно кафуле во Изиум, на околу 50 километри од линијата на фронтот. Изиум беше окупиран од руските сили шест месеци во 2022 година.
Facebook Forum