„Извршниот одбор донесе одлука за формирање работни групи за активна регистрација на членството за гласање на директните внатрепартиски избори како и за организација на отчетен Конгрес на СДСМ, согласно Статутот. Членовите на Извршниот одбор, како и членовите на раководството на СДСМ, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациониот секретар, секретарот за меѓународна соработка, поднесоа оставки од функциите“, пишува во соопштението на СДСМ.
Со повлекувањето на Ковачевски претседателите на сите општински организации исто така се во оставка зашто тие се именувани од партискиот претседател. Исто така, се уште актуелното раководство на социјалдемократите ги повикува и сите членови на Централниот одбор „да го следат примерот и да поднесат оставки како морален чин на одговорност“.
Ковачевски, кој ја напушта позицијата по две и пол години поминати како лидер, во писмен допис ги информираше своите сопартијци дека се повлекува по катастрофалниот пораз на парламентарните избори на кои СДСМ оствари најслаб резултат во своето постоење.
„На парламентарните и претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции. И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност“, се вели во писмото на Ковачевски во кое тој обелодени дека се повлекува.
Со овој чин, но и со оставката на целокупното раководство почнува процесот на, како што велат самите социјалдемократи, ремонт на партијата. Клучен елемент е кој ќе ја преземе лидерката функција во ваква ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ има неспорна апсолутна власт – и на централно и на локално ниво, а шеф на државата е Сиљановска-Давкова.
Во јавноста веќе се насетуваат неколку можни претенденти за позицијата која досега ја извршуваа Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев.
Досега како најсериозен кандидат се промовира екс-министерот за здравство и иден пратеник Венко Филипче. На неговиот фејсбук профил тој објави фотографии од средба со членови на партијата во Неготино кои, како што пишува Филипче, „бараат поголемо присуство, комуникација и координација на новото раководство и пратениците со членовите“. И актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска изјави дека „размислува да се кандидира, но дека конечната одлука ќе ја донесе понатаму“. Се смета дека лидерски амбиции има и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски кој е гласен во јавните настапи во кои повикува на одговорност иако и самиот е дел на раководните органи на партијата и со тоа и самиот одговорен зашто СДСМ освои само 155 илјади гласови.
Сигурно е дека новиот лидер, кој и да биде, ќе има тешка задача. Прво, со само 18 пратеници во Собранието да биде кредибилна и силна опозиција и второ, да го рестартира СДСМ кого идната година го чекаат нови избори – локалните.
Facebook Forum