Турските пристаништа сега се затворени за секаква израелска трговија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека ембаргото ќе биде укинато само доколку има траен прекин на огнот во Газа.
Ердоган ја повика меѓународната заедница да изврши поголем притисок врз Израел, потег за кој аналитичарите предупредуваат дека ќе има пошироки последици.
„Турција стана првата земја на глобално ниво која во суштина воведе целосно трговско ембарго кон Израел, вклучувајќи извоз и увоз. Турција веројатно сега ќе се обиде да го искористи ова да ги убеди другите истомисленици во исламскиот свет, во арапскиот свет, да следат по нивниот пример”, вели Синан Улген од Центар за економија и надворешни политички студии.
Минатата година турско-израелската трговска размена беше вредна речиси 7 милијарди долари, од кои повеќе од 5 милијарди долари беа турски извоз.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го осуди ембаргото, ветувајќи дека ќе најде алтернативни добавувачи.
Но, аналитичарите предупредуваат дека израелската економија сепак ќе страда.
„Го гледаме тоа во автомобили, храна, текстил, метали, навистина многу разновидни нешта што Израел ги увезува од Турција. Се разбира, има замени. Може да имате други пазари кои го снабдуваат Израел. Но, веројатно ќе му треба време на Израел да ги најде тие замени, а тоа ќе чини поскапо”, вели Галија Линденштраус од Институтот за национални безбедносни студии.
Израел во голема мера се потпира на азербејџанската нафта што се доставува до турското пристаниште Џејхан, а потоа се испраќа до израелските рафинерии.
Азербејџан е сојузник и на Израел и на Турција. Останува нејасно како турското ембарго ќе влијае на нивната продажба на нафта на Израел, но аналитичарите предупредуваат дека прекинот на испораките може да има сериозни последици за Анкара.
„Ова ќе ги натера Турција и Израел да бидат во непријателски односи, за што ќе требаат многу години да заздрават. Но, доколку тоа се случи, тоа негативно ќе влијае и на односите Азербејџан - Турција, не само со Израел. Во Израел Израелците ќе речат: ‘Го забележуваме тоа, но имаме други опции.'”, посочува Мехмет Огутчу од Лондонскиот енергетски клуб.
Трговијата историски била лепилото што помага во одржувањето на турско-израелските односи во моменти на висока тензија. Сепак, аналитичарите предвидуваат дека сегашното високо ниво на непријателство значи дека трговското ембарго нема наскоро да биде укинато.
Сепак, последиците од ембаргото може да се прошират многу подалеку од сегашните влади во Турција и Израел. Набљудувачите предупредуваат дека за обновувањето на трговијата и довербата може да треба значително време.
Facebook Forum