Филип Рикер, поранешен американски амбасадор во Северна Македонија и поранешен помошник - државен секретар на САД се осврна на одговорноста, што доаѓа со преземањето на власта.
„Изборната победа е чест, за претстојната претседателка Гордана Силјановска и за господинот Мицковски и неговиот тим кој извојува победа на парламентарните избори. Но, тука доаѓа и голема одговорност. А тоа е да ги реализира своите ветувања, а тоа значи приоретизирање на владеењето на правото, справување со корупцијата, подобрување на економијата и продолжување на патот кон ЕУ“, вели Рикер.
Тој смета дека проширувањето на ЕУ нема алтернатива и тоа е иднината за Македонија.
„Забележувам вистински моментум за проширувањето, таков тон доаѓа во Брисел, и од другите главни градови кои се важни за проширувањето, сега е време да се придвижи земјата напред“, коментира поранешниот амбасадор.
Едвард П. Џозеф, балкански аналитичар на Факултетот за меѓународни студии при Универзитетот Џон Хопкинс смета дека новата влада во Скопје треба да покаже лидерство, со оглед на огромната поддршка што ја доби на изборите.
„Треба да се надеваме дека Мицковски да разбира дека има одговорност кога ќе ја води владата, а не да биде опозиционер или да биде во политичка кампања. Односите се Грција се фундаментални, Договорот од Преспа е важечки, обврзувачки за двете страни, иако не е многу популарен. Тој ѝ помогна на земјата, го зачува нејзиниот идентитет и се надевам дека Мицковски го разбира тоа“, вели Џозеф.
Предизвиците кои претстојат во односите со Бугарија околу уставните измени, тој очекува дека ќе бидат клучни за издржливоста и еластичноста на новата коалициона власт во Северна Македонија.
„Ќе има албански партнер во Владата како дел од коалицијата. Веројатно тоа ќе бидат досегашната опозиција ВЛЕН. Тие ќе имаат предизвик, затоа што ВЛЕН се обврза да гласа за уставни измени. Што ќе се случи ако по шест месеци од владеењето на Владата на ВМРО – ДПМНЕ не се гласа за тие измени? Што ќе се случи во Северна Македонија? Ова е отворено прашање“, изјави Џозеф.
Пол Мекарти, директор за Европа при Меѓународниот Републикански Институт ( ИРИ) ги коментираше идните односи меѓу Македонија и Бугарија, со оглед дека доаѓа нова политичка гарнитура во Скопје.
„Ќе бидат потребни студени глави за да се придвижат двете земјите напред, но и многу дипломатија од Брисел и од Вашингтон, за да го олесни процесот дека крајната цел мора да биде Северна Македонија да стане членка во ЕУ“, смета Мекарти.
Ерван Фуере, поранешен амбасадор на ЕУ во Северна Македонија не смета дека сега се отвара можност за поголемо влијание од Москва, со оглед дека на власт доаѓа десно-ориентирана партија.
„Јасно е дека Русија ќе ја искористи секоја можност за дезинформации и тактики кои ги користат за ширење на лажни информации насекаде на Балканот. Не верувам дека тоа ќе наиде на плодна почва во Македонија. Една предност за новата влада во Скопје е што по европските избори ќе има нови десничарски влади ширум Европа. Затоа што ВМРО е десно-ориентирана партија, може ќе најдат поголема поддршка за нивните аргументи против бугарските барања на патот кон ЕУ“, вели овој поранешен прв дипломат на ЕУ во Скопје.
„Сите земји во регионот се соочуваат со странско мешање од авторитарни земји, како од Русија и од Кина. Но, за разлика од другите земји во регионот, Македонија нема такво влијание“, коментира Мекарти од ИРИ.
Надја Музикина, заменичка - директорка за Централна и Источна Европа при Националниот Демократски Институт се осврна на неопходноста од почитување на меѓународните договори, независно кој е власт.
„Не веруваме дека има закани по Преспанскиот договор сега кога Северна Македонија има нова влада, и очекуваме дека ВМРО-ДПМНЕ и новата претседателка ќе останат на патот кон ЕУ“, изјави вишата претставничка од НДИ.
Според неа, регионот минува низ турбуленции и ја истакна неопходноста од поголем фокус на меѓународната заедница кон Балканот.
Facebook Forum