„Релативно млад, амбициозен играч со завидно искуство кој сака да биде присутен во медиумите“, тоа се коментарите во дел од јавноста за кандидатот за претседател на коалицијата предводена од ДУИ.
Откако коалицијата СДСМ-ДУИ ја презеде власта летото 2017 почна и „вториот“ политички залет на Бујар Османи. Прво, како вицепремиер за европски прашања, а по изборите во 2020 и како шеф на македонската дипломатија.
Голем дел од тие четири години во МНР ги посвети на бугарското вето и обидите за „пеглање“ на односите со Софија. Беше дел од тесниот круг што учествуваше во кроењето на т.н. француски предлог кој доведе до отворање на преговорите за членство со Европската унија. За ова прашање настапуваше исклучително внимателно покажувајќи висок степен на чувство за прашањата што се од највисок интерес за Македонците – идентитетот, јазикот, културата.
Една година беше и претседавач со ОБСЕ – за првпат во историјата на македонската дипломатија. Се обидуваше да „кормилари“ со организацијата која беше начната од руската агресија врз Украина и санкциите на западот кон Москва. Успеа дури на завршниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје да ги донесе и државниот секретар на САД Ентони Блинкен и рускиот министер Сергеј Лавров, иако двајцата не седнаа на иста маса.
Сега, во оваа претседателска трка се нафати на задачата да биде кандидат на ДУИ за шеф на државата и нејзиното најново во серијата барања кои, во македонската заедници, се толкува како етнички мотивирано – претседателот на Републиката да се бира во Собранието.
„Сакам да им се заблагодарам на сите политички партии што ми ја дадоа довербата на овие избори да го побарам гласот на граѓаните, всушност јас не бев кандидат на една партија, туку бев кандидат на сите заедници кои сонуваа за држава на еднакви можности, и мојот избор за претседател е остварување на долгогодишниот сон за рушење на бариерите кои ги ограничуваа луѓето да сонуваат без граници во оваа земја, па затоа сакам да им се заблагодарам на сите за дадената доверба и поддршка“, истакнува Османи во неговата изборна програма.
Facebook Forum