Поголеми ингеренции за претседателот при именување лица на клучни позиции во државата, развој на воената индустрија, останување на патот кон ЕУ, но без чекање до бесконечност, отворање врати за инвестиции и арапските земји, од Русија, од Кина, како и задржување на блиските односи со САД како стратешки партнер, иако од неодамна се наоѓа на т.н. Црна листа на американскиот Стејт департмент.
Тоа се дел од ставовите и плановите на претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски, што ги искажа во разговор за Гласот на Америка. Во продолжение во текстуална форма пренесуваме дел од разговорот со Јакимовски, а кој во целост можете да го погледнете во прикаченото видео.
Глас на Америка: Зошто граѓаните да го дадат гласот за вас, по што сте различен од другите кандидати?
Затоа што сум поискусен во однос на другите, затоа што полесно разликувам битно од небитно. Затоа што многу лесно ги утврдувам вистинските приоритети, затоа што гледам тоа што на граѓаните им треба, затоа што во мојата животна и работна кариера имам многу резултати. Затоа што сум во зрели години, имам 64 години. Имам прекрасно семејство. На мене веќе не ми треба ништо. Практично се борам да напишам историја и ништо повеќе од тоа.
Глас на Америка: Не го потпишавте Кодексот за фер и демократски избори. Не се согласивте со сумата што се доделува за малите во однос на големите партии.
Не може така. Идејата за државно финансирање за медиумското презентирање на кандидатите за пратеници и претседатели е да се поттикне политичкиот плурализам. Идејата е да се поттикне и да се поддржи ако има нова идеја, нова програма, нова партија. Не е идејата да се финансира партијата што е на власт и да се финансира главната опозициска партија. Целосно наопаку е свртена целата таа работа.
Јас да сум претседател пет години и мене да ми следува милион и 650.000, а моите противкандидати да земаат по стотина илјади, самиот ќе речам тргнете дел од мене, не сакам нефер кампања. Нема витештво меѓу овие, да кажам, двајца претставници на големите партии.
Глас на Америка: Се залагате за зголемени ингеренции на претседателот, за директно да назначува судии во Уставен суд, членови во Судскиот совет, гувернер на Народната банка. Зошто? Не му верувате на Собранието?
Имаме двојство. Претседателот го назначува директорот на агенцијата за разузнавање и началникот на Генералштабот. Зошто тогаш да не назначи гувернер на Народната банка. Најголема доверба во Македонија ужива токму Народната банка. Што повеќе ја осамостоиме централната банка од Владата и од министерството за финансии, ние ќе имаме постабилен монетарен кредитен систем, постабилна валута и комплетна независност на централната банка, што е најбитно за секоја држава.
Втората работа, зошто судиите за Уставен суд и Судски совет да поминат низ Собрание? Дали е за партиите повторно да ги вмешаат прстите? Ако претседателот дава предлог тоа значи дека тој, биран од сите граѓани, ќе води сметка за сите граѓани и ќе биде срам за него ако предложи некој член на судски совет кој е правник во локална самоуправа или правник во некое јавно претпријатие. Под зборот истакнат правник, тие (партиите) не подразбираат некој истакнат универзитетски професор. Тие подразбираат истакнат правник во партијата.
Глас на Америка: Велите дека државата нема да чека бесконечно влез во ЕУ. Што значи тоа?
Изморени сме од триковите на ЕУ, изморени сме од исполнување на услови коишто не можат да се исполнат. Да разговараш за идентитет, да разговараш за јазик, да разговараш за историски личности, за задачи коишто не ги имала ниту една нација, ниту една држава при влезот во ЕУ. Како ние да не сме луѓе, како да сме Марсовци и треба да исполниме посебни критериуми.
Јас не велам дека ние треба да се откажеме од европскиот пат. Но, ако до 2030 година не влеземе, ние ќе останеме на тој пат, но тој нема да биде приоритет. Приоритет ќе биде да донесеме инвеститори, да обезбедиме проекти, да се подигне македонската економија. Да се отвораат нови работни места, да не се иселуваат младите и овој народ да живее подобро.
Глас на Америка: Може ли државата да опстои економски ако не се приклучи кон некој ваков сојуз?
Ќе ги отвориме вратите за инвестиции за цел свет. Може ли некој да ми објасни зошто ние овде немаме ниту еден инвеститор од Арапски емирати, од Катар, од Либан. Па, ако сакате и од Кина, и од Русија? Како може руски инвестиции во земји членки на НАТО и ЕУ, а ние не смееме ниту руска салата да јадеме.
Паролата ‘Европа ќе не храни, НАТО ќе не брани’ е погрешна теза. Ние мораме да си ги решаваме проблемите сами.
Сепак ние, да не се разбереме погрешно, мораме да бидеме дел од интегративните процеси. Македонија мора да се труди да биде дел од ЕУ. Но ако гледаме дека таа работа не ја бива, ние треба да бараме решение за подобар животен стандард на граѓаните.
Морам да нагласам и ова, ја губиме Африка како ресурсен потенцијал и евтина атомска енергија. Тоа не може да не предизвика потреси во европското стопанство.
Наместо што побрзо да го затвориме Западен Балкан и да го интегрираме во Европа и заеднички да одлучиме да се справиме со проблемите околу нас, ние се бавиме со тоа која историска личност била наша или бугарска. Дали ние сме Македонци од 1944-та или претходно сме биле нешто друго. Дали нашиот јазик станал македонски од 1944-та, а претходно сме лаеле како кучиња. Тоа се смешни работи. Зошто не одбереме да решаваме вистински проблеми, а во опасност е цела Европа, плус нашиот стратешки партнер САД.
Facebook Forum