Помалку од две години откако Врховниот суд го укина уставното право на жената на абортус во САД, највисокиот суд ги сослуша аргументите за лекот за абортус мифепристон, кој заедно со уште еден лек, вообичаено се користи при абортус со лекови.
Лекарите кои се противат на правото на абортус сакаат да ги поништат неодамнешните одлуки на федералната Администрација за храна и лекови, која дозволи мифепристон да се препишува онлајн и да се испраќа по пошта до пациентите.
Ерин Холи е советничка во Алијанса за одбрана на слободата - конзервативна христијанска правна група за застапување.
„Администрацијата за храна и лекови на САД мора да одговора за штетата што ја предизвика на здравјето на безброј жени, девојки, како и на владеењето на правото, поради тоа што не проучи колку се опасни лековите за абортус и оти незаконски ја отстранува речиси секоја важна заштита за истите тие лекови“, вели Холи.
Администрацијата за храна и лекови на САД вели дека ги следела стандардните процеси на одобрување кога ја донела одлуката, и тврди дека укинувањето ќе го поткопа нејзиното овластување да утврди дали некој лек е безбеден.
Имани Вилсон-Шабаз работи во непрофитна кампања за пристап до таблети за абортус.
„Тоа е многу безбеден лек за употреба дома, а луѓето го прават тоа со години. САД заостануваат во однос на терапијата за абортус со лекови која е во многу други земји долго време“, смета Вилсон-Шабаз.
Истрага во Журналот на Американското медицинско здружение, покажа дека бројот на абортуси со лекови се зголемил, откако Врховниот суд ставил крај на уставната заштита во 2022 година, и им дозволил на сојузните држави да донесуваат свои закони за абортус.
„Абортусот што жените сами го прават всушност не е нелегален на повеќето места. Многу закони предвидуваат медицинските работници да им испраќаат апчиња на луѓето. Неколку држави донесоа закони за заштита, што им овозможуваат на давателите на услуги во држави, како Њујорк или Вашингтон, всушност да испраќаат апчиња на луѓе кои се во држави со ограничена забрана“, додава Вилсон-Шабаз.
Ако највисокиот суд се согласи да го ограничи мифепристонот, повеќе жени може ќе се префрлат да го користат само вториот лек, кој е дел од сегашната терапија во два чекора.
Здравствените работници велат дека абортусот само со мизопростол обично трае подолго и предизвикува поболни грчеви.
Се очекува Врховниот суд да ја соопшти својата одлука во јуни или почетокот на јули.
Facebook Forum