Годините се само бројка. Така вели Мирјана Симоновска, единствената Македонка која на 74-годишна возраст го искачи Ухуру, највисокиот врв на планината Килиманџаро. Подвигот се случи на почетокот од март годинава.
Беше ли тешко, ја прашавме Мирјана.
„Да, многу тешко“, ни одговори.
Симоновска застана покрај македонското знаме на 5.895 метри надморска височина. Таа влезе во светската листа од само неколкумина планинари и планинарки што на таа возраст го освоиле највисокиот врв во Африка.
„Таму ни соопштија дека во 2015 година една жена на таа возраст го искачила врвот, а после неа и еден маж на слично годиште, и сега јас“, вели Мирјана.
Симоновска живее во Делчево. Откако се опорави од подвигот, со неа излеговме на прошетка низ Градскиот парк во Скопје, каде ни раскажа како изгледала експедицијата во Танзанија.
„Навечер во десет часот нè разбудија, вечеравме и во 23 часот тргнавме да искачуваме со челни лампи. Патот до горе траеше околу десет часа“, раскажува Мирјана.
Вели дека нејзиното искачување се следело со големо воодушевување.
„Кога продолжив да искачувам над 5.600 метри висина, помладите членови на експедицијата, кои веќе се симнуваа надолу, ме прегрнаа велејќи ми дека не им се верувало дека ќе го искачам врвот“, објаснува планинарката.
Категорична е дека во ниту еден момент не се двоумела, ниту се премислила да се врати назад.
„Главната мисла беше да се искачам на врвот. Не се премислив и не помислив да се вратам назад. Тоа воопшто не ми беше на памет“, вели Симоновска.
Додава дека во мигот кога се качила на врвот, останала без зборови.
„Од што бев пресреќна што се искачив, не знаев што повеќе да кажам. Многу бев возбудена“, вели Мирјана.
Facebook Forum