Линкови за пристапност

Соња Николовска: Секогаш има поединци и политичари кои сакаат да ја попречат слободата на говорот


Секогаш има поединци и политичари кои се обидуваат да ја попречат слободата на говорот, да ја попречат слободната мисла, да влијаат. Но, отсекогаш и постоел тој отпор кај новинарите, смета Соња Николовска, новинарка од „Телма“, годинашна добитничка на наградата за животно дело од ЗНМ

Во новинарството сум дојдена во 1986 година. Некои од моите колеги не биле ниту родени.

Така раскажува Соња Николовска, новинарка која речиси четири децении е дел од македонскиот медиумски простор. Неодамна ја доби наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, од Здружението на новинарите на Македонија.

„Мислам дека нема поголем настан во државата на кој не сум присуствувала. Од протести, конгреси, конвенции. Од собраниски случувања. Дали биле уставни промени, дали бил 27ми април“, раскажува Николовска.

Почнала во МТВ, продолжила во телевизијата „Телма“, каде до крајот на годинава треба и да се пензионира. За себе вели: Кариерата ја почнав како репортерка и ја завршувам како репортерка.

„Може 15 години бев уредник на вести. Сум водела емисии, дебати, линковски вклучувања. Но, сепак, репортерството е тоа што нè зближува сите нас“, вели Николовска.

Ни раскажа и како изгледало тогашното телевизиско новинарство.

„Главни на екранот беа спикерите. Беа неколку спикери на вестите. Новинарите беа само глас кој со лик не се појавуваше. Но, моите генерации, беа оние што почнаа да одат меѓу луѓето. Кога отидовме во Битола, на првата програма за градови, тие луѓе првпат видоа микрофон на улица, и некој нив да ги прашува: Што мислите ова или тоа?“, се присетува Николовска.

Зборувавме и за слободата на говорот, некогаш и сега.

„Секогаш има политичари или поединци кои се обидуваат да ја попречат таа слободна мисла, да го попречат слободниот говор, да влијаат на него, да го придобијат во нивна полза. Но, секогаш и постои тој отпор кај новинарите“, вели Николовска и додава:

„Би апелирала, колку што се новинарите отпорни, исто толку да бидат и уредниците отпорни. И менаџерите, и сопствениците на медиумите. Ако сите заедно имаме отпор кон надворешните влијанија кон обидите за менување на уредувачката политика можеме да издржиме“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG