Мај 2023 година беше пресвртница за 39-годишната Олена Воронкова. Руска ракета ја погодила нејзината семејна куќа во Донбас; нејзиниот 14-годишен син се криел во подрумот кога тоа се случило.
„Мојот сопруг и јас бевме на работа... Но, нашиот син беше дома... Куќата беше во пламен поради експлозијата. Нашиот син истрчал во подрумот, а војниците на украинските вооружени сили го извлекле низ прозорецот подоцна. Носеше пижами и влечки – тоа беа единствените работи што останаа недопрени од нашиот дом“, раскажува Воронкова.
Семејната куќа целосно изгорела. Тие нашле привремено засолниште кај своите пријатели, а по некое време сопругот на Олена, им предложил да ја искористат заштедата за да започнат бизнис. Со години сонувале да отворат кафуле и наспроти сите шанси, конечно тоа го направиле.
„Имав многу сомнежи и се исплашив. И, тогаш помислив – што ако треба да побегнеме еден ден? Но, мојот сопруг ме поддржа и ми рече: „Засега, ќе останеме, па ајде да го направиме тоа!“, додава Воронкова.
Роман Воронков не е нов во светот на бизнисот – во последните пет години тој поседувал мал фризерски салон.
„Го отворив во 2018 година, со заработените пари од салонот го отворивме кафулето. Мојата сопруга сега работи таму 24/7, а за неколку месеци ќе знаеме дали навистина тоа функционира или не“, вели Воронков.
Во кафулето, на клиентите им се нуди кафе и разновидни десерти. Тие велат дека руски ракети сè уште го гранатираат градот и дека се загрижени дека може да изгубат сè што имаат, но засега се решени да останат таму.
Facebook Forum