Линкови за пристапност

ЕУ се согласи да воведе ембарго за најголемиот дел од увозот на руска нафта


Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека со санкциите „ефикасно ќе се намали околу 90 отсто од увозот на нафта од Русија во ЕУ до крајот на годината“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека со санкциите „ефикасно ќе се намали околу 90 отсто од увозот на нафта од Русија во ЕУ до крајот на годината“.

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, изјави во вторникот дека ембаргото на ЕУ за најголемиот дел од увозот на руска нафта ќе значи дека Русија ќе добие „помалку ресурси, помалку финансиски ресурси за да ја нахрани воената машина“.

Борел рече дека иако ЕУ не може да ја спречи Русија да продава на други клиенти, европските земји се нејзиниот „најважен клиент“ и таа ќе мора да прифати пониски цени.

Лидерите на ЕУ доцна синоќа се согласија да забранат две третини од увозот на руска нафта, како дел од компромисниот договор за зголемување на притисокот врз Русија, истовремено земајќи ги предвид економските ефекти врз некои земји на ЕУ кои се повеќе зависни од руската нафта. Ембаргото ја прекинува руската нафта што се испорачува по море, а истовремено ја ослободува нафтата увезена преку цевководи.

Унгарија, која нема излез на море, се закани дека ќе се спротивстави на ограничувањата на увозот на нафта, потег што ќе ги поништи напорите што бараат консензус од сите членки на ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека очекува амбасадорите на ЕУ официјално да го одобрат ембаргото, кое е дел од поголемиот пакет - санкции, во среда.

Украинските лидери долго време бараат да се забрани увозот на руска нафта со цел да се оневозможи приходите на Русија што може да ги користи за да ги поттикне нејзините воени напори. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повтори апелот до ЕУ.

Во комбинација со ветувањата од земји како Германија за постепено укинување на нивниот увоз на руска нафта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека договорот меѓу членките „ефикасно ќе намали околу 90 отсто од увозот на нафта од Русија во ЕУ до крајот на годината“. Други делови од пакетот - санкции вклучуваат замрзнување на имотот и забрани за патување на поединци, како и исклучување на најголемите руски банки, Сбербанк, од глобалниот систем за финансиски трансфери SWIFT.

ЕУ, исто така, забранува три руски државни радиодифузери да дистрибуираат содржина во земјите на ЕУ. Лидерите на ЕУ се согласија да ѝ дадат на Украина помош од 9,7 милијарди долари за економијата на земјата и напорите за обнова.

Во меѓувреме, жестоки борби избија на улиците на градот Сиевиеродонецк во источна Украина, при што силите на Киев очајнички се обидуваат да се справат со рускиот напад.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја окарактеризира ситуацијата како „мошне тешка“. Во телевизиски говор, тој го опиша заземањето на Сиевјеродонецк како „фундаментална задача за окупаторите“ и рече дека Украина прави се што може за да го заштити градот од руско преземање.

XS
SM
MD
LG