Белата куќа објави дека САД ќе бидат ко-домаќини на вториот глобален самит против Ковид-19 на 12 мај, на кој ќе се разговара за зголемување на напорите за ставање крај на пандемијата на меѓународно ниво и подготовка за идните варијанти на коронавирусот.
„Појавата и ширењето на нови варијанти, како Омикрон, ја зајакна потребата за стратегија насочена кон контрола на Ковид-19, ширум светот“, се вели во заедничкото соопштение на Белата куќа.
Повеќе детали на: https://www.whitehouse.gov/briefing-room/statements-releases/2022/04/18/joint-statement-between-the-united-states-belize-germany-indonesia-and-senegal-on-the-announcement-of-the-second-global-covid-19-summit
САД ќе бидат домаќини на самитот со Белизе, претседавач со Карипската заедница или Кариком, Германија, актуелниот претседавач на Групата седум водечки економии или Г-7; Индонезија, која моментално претседава со Групата 20 најголеми економии или Г-20; и Сенегал како претседавач со Африканската Унија.
Веста доаѓа во услови на загриженост во врска со оживувањето на пандемијата по неодамнешните ограничувања и нови мерки за социјално дистанцирање против Ковид во Кина и подемот на новата варијанта Б.А.2 на коронавирусот во САД, каде Филаделфија го засили мандатот за маски во затворен простор, што е прв голем американски град да го стори тоа.
„Самитот ќе ги удвои нашите колективни напори за ставање крај на акутната фаза на пандемијата Ковид-19, и подготовка за идни здравствени закани“, се вели во соопштението на петте земји. Тие ја нагласија поддршката за решенија предводени од локално ниво кои вклучуваат „распоредување тестови и третмани, особено за најризичните популации; и проширување и заштита на здравствената работна сила“. Американскиот претседател Џо Бајден, кој повика на меѓународна соработка за ставање крај на пандемијата, го свика првиот глобален самит против Ковид-19 минатиот септември.
Но, варијантите Делта и Омикрон на коронавирусот се проширија, набргу потоа. „Знаеме дека мора да се подготвиме сега да го изградиме, одржиме и финансираме глобалниот капацитет што ни е потребен, не само за новите варијанти на Ковид-19, туку и за идните здравствени кризи“, се вели во заедничката изјава.
Самитот ќе ги повика светските лидери, филантропи, невладини организации и приватниот сектор да ја поддржат нивната мисија за зголемување на стапката на вакцинација на меѓународно ниво и одржување на здравствената безбедност.
Дел од информациите се од Ројтерс.