Линкови за пристапност

ИЈЗ: Паѓа бројката на новозаболени, „стелт“ варијантата доминантна во државата


Најголем пад има кај смртните случаи – 45,5 отсто. Минатата недела се регистрирани 12 жртви во осум градови низ државата. Во моментов во Ковид центрите и на инфективните одделенија се хоспотализирани 71 пациент од кој 27 се на кислородна поддршка а 5 на механичка вентилација.


СКОПЈЕ – Продолжува падот на бројките на новозаболени и хоспитализирани, а стагнира бројот на реинфекции, покажува последната анализа на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) која се однесува на периодот од 28 март до 3 април.

Минатата недела се регистрирани 1.602 новозаболени во 30 градови низ државата, што е намалување за 5,4 отсто споредено со неделата претходно. Повеќе од половина или 893 случаи се регистрирани во Скопје а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци со 205 заболени на сто илјади жители.

„Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во 23 градови, со најголемо намалување во Демир Капија, Крива Паланка, Кратово, Радовиш и Тетово. Зголемување се забележува во Делчево, Пробиштип, Берово, Битола, Штип, Кавадарци и Неготино, додека состојбата останува непроменета во Македонска Каменица, Македонски Брод, Охрид, Демир Хисар, Свети Николе и Кочани. Р0 се движи од 0,72 во Богданци до 1,97 во Македонска Каменица“, информираат од ИЈЗ.

Во анализираниот период здравствените власти бележат 272 реинфекции што е благо зголемување од 1,5 отсто.

Повторно најмногу на удар се граѓаните над 60 годишна возраст а најмалку нови случаи има кај децата до 9 години – 58 случаи.

„Во однос на претходната недела, најголемо зголемување на бројот на заболени се регистрира кај возрасните групи од 0-9 (13,7%) и 10-19 (11,6%), а најзабележително намалување во споредба со минатата недела се забележува кај возрасната група 20-29 (26,6%)“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Најголем пад има кај смртните случаи – 45,5 отсто. Минатата недела се регистрирани 12 жртви во осум градови низ државата.

Во моментов во Ковид центрите и на инфективните одделенија се хоспотализирани 71 пациент од кој 27 се на кислородна поддршка а 5 на механичка вентилација.

Од ИЈЗ соопштија дека резултатите од лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика покажуваат дека во државата сеуште е доминантна „стелт“ веризјата на сојот „Омикрон“ . Од 92 позитивни ПЦР теста кои се земени на анализа во 86 е детектирана верзијата „стелт“ а во останатите 6 сојот Омикрон.

Во последните 24 часа се регистрирани 236 новозаболени а вкупната бројка на заболени од почетокот на епидемијата е 306.947. Во последното деноноќие немаше жртви а досега како последица на компликации предизвикани од коронавирусот починаа 9.231 пациент.

Процесот на вакцинација никако да добие на интензитет а досега целосно, со две дози, се вакцинирани 853.501 граѓанин или 45,6 отсто од вкупното население во државата. Трета или „бустер“ доза е аплицирана кај 154.693 лица.

XS
SM
MD
LG