Осуда за руската агресијата врз Украина, но и повик до ЕУ дека актуелната ситуација во Европа само ја потврдува потребата од динамизирање на процесот на проширување кон Западен Балкан. Такви пораки од Подгорица пратија претседателите на Црна Гора и Северна Македонија, двете земји кои последни се придружија на Северноатлантскиот сојуз.
Рускиот напад на Украина на многу јасен начин ги потврди придобивките од нашето членство во Алијансата.Пендаровски, претседател на Северна Македонија
„Рускиот напад на Украина на многу јасен начин ги потврди придобивките од нашето членство во Алијансата. Ужасот кој го гледаме во Украина, мислевме дека е невозможен на европско тло по страшните војни од минатиот век. За жал, сведочиме на страдање на милиони граѓани, пред наши очи се одвива огромна хуманитарна и бегалска криза. Потребна ни е солидарност и уште поголема соработка за да излеземе на крај со последиците на руските воени дејствија во Украина“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
Според Мило Ѓукановиќ, она што сега Русија го прави во Украина се обидела да го спроведе и на Западниот Балкан.
Црна Гора има искуство со тоа и во 2015 и во 2016, преку форма на државен удар, имавме обид на Русија да спречи зачленување на Црна Гора во НАТО. Ние се одбранивме.Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора
Ова што сега се случува во Украина е продолжение на настаните што ги имавме во Црна Гора и во регионот од 2015-та. Во право се сите кои политиката на претседателот на Русија ја толкуваат за ревизионистичка – намера е јасна, да го врати назад тркалото на историјата и да не врати во времето на Студената војна кога големите земји, како Русија, можеа да ја одредуваат иднината на помалите држави. Црна Гора има искуство со тоа и во 2015 и во 2016, преку форма на државен удар, имавме обид на Русија да спречи зачленување на Црна Гора во НАТО. Ние се одбранивме. Но, хибридната војна на Русија против земјите од Западен Балкан кои покажуваат евроатлантска аспирација продолжува и понатаму.“, изјави Мило Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора.
Македонскиот претседател предупреди дека блокираните евроинтеграции поради бугарското вето, во Брисел треба да се гледаат и од аспект на случувањата во Украина. Ветото на Софија кое ја кочи и Албанија резултираше со барање на властите од Тирана за одвојување на Албанија од Северна Македонија во процесот на пристапување.
„Не гледам ништо спорно во изјавата на Рама, само би сакал во оваа ситуација да апелирам до оние кои одлучуваат во Брисел и во главните европски градови дека на страна тоа што нема да има никакви безбедносни импликации од тоа евентуално одвојување после јуни, сепак треба да помислат и во светло на најновите случувања во Украина дека ЕУ започна и ЕУ и ден денеска треба да биде третирана помеѓу другите аспекти и како геополитички проект, геостратешки проект. Во таа смисла, целиот регион треба да го најде своето место час - поскоро во ЕУ.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
Во јавниот настап двајцата претседатели не го спомнаа вчерашното ставање македонски и државјанин на Црна Гора на т.н црна американска листа. На списокот се најдоа екс премиерот, Никола Груевски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и некогашниот претседател на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ. Вашингтон за нив оценува дека „претставуваат сериозна закана за регионалната стабилност, за довербата во институциите и за оние кои очекуваат владеење на правото во Западен Балкан“.