Линкови за пристапност

Работиме што е можно поскоро да има меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, вели Стејт департментот


Одговарајќи на писмо што група конгресмени го испратија до Блинкен минатиот месец, Стејт департментот рече дека Северна Македонија и Албанија „направија значајни реформи и жртви и заслужуваат да напредуваат во процесот на пристапување“
Одговарајќи на писмо што група конгресмени го испратија до Блинкен минатиот месец, Стејт департментот рече дека Северна Македонија и Албанија „направија значајни реформи и жртви и заслужуваат да напредуваат во процесот на пристапување“

САД продолжуваат да се ангажираат конструктивно со Европската Унија, главните градови на земјите - членки, и во Скопје и Софија, за да охрабрат меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија што е можно побрзо, се вели во писмо од Стејт департментот испратено до демократската конгресменка Дина Титус.

Пред еден месец, Титус и уште 18 други членови на Конгресот, побараа од државниот секретар Ентони Блинкен зголемен ангажман на САД во Западен Балкан.

„Северна Македонија и Албанија направија значајни реформи и жртви и заслужуваат да напредуваат во процесот на пристапување, како што призна Европската комисија. Продолжување напред е доказ за регионот и пошироко дека тешките компромиси и искрените реформски напори овозможуваат подобра иднина“, пишува во одговорот од Стејт департментот до конгресменката.

Во него се вели и дека „долгогодишниот дипломатски ангажман на САД поддржува целосна интеграција на Западен Балкан во европските и евроатлантските институции, уште поважно во контекст на натамошната руска инвазија на Украина“.

Стејт департментот додава дека руската инвазија на Украина ја нагласила итноста од трансатлантската соработка за обезбедување „демократски напредок, поддршка на регионалната интеграција и заштита на европските и евроатлантските аспирации на Западен Балкан“.

„Стејт департментот ќе продолжи да го поттикнува почитувањето на човековите права и основните слободи и да промовира демократска консолидација во целиот регион“, стои во одговорот.

На почетокот на март, група конгресмени испратија писмо до Блинкен во кое нагласија дека Северна Македонија и Албанија ја завршиле потребната работа, како и дека одложувањето на пристапниот процес „само ќе им овозможи на малигните актери да ја искористат оваа неизвесност“.

Тие тогаш рекоа дека поради неиспровоцираната руска инвазија на Украина поважно од кога било е САД да ги продлабочат ангажманот и вклученоста во регионот.

„САД треба да се фокусираат на работа со релевантните засегнати страни каде што е соодветно за да го олеснат процесот на пристапување во ЕУ и да промовираат поголема регионална стабилност“, напишаа конгресмените.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG