Министерската тројка претседавачи со ОБСЕ, во која учествува и шефот на македонската дипломатија, придружувана од украинскиот министер за надворешни работи, го посети прифатниот центар за бегалци Млини на полско-украинската граница.
„Денеска посетивме некогашен трговски центар, а сега пункт за прием на украински бегалци. 50 Украинци денеска беа убиени во руското гранатирање на Краматорск. Да им беше дозволено да заминат, тие немаше да загинаат - за неколку дена ќе беа овде на безбедно“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Присуството во Млини, според министрите за надворешни работи на Полска, Шведска и Северна Македонија, е силен знак на поддршка на Украина и нејзиниот територијален интегритет, како и јасен повик до Москва да прекине со бруталната агресија, како и нападите врз цивилното население.
„Длабоко сочувство за загубените животи. Руската брутална агресија е страшен чин. Веднаш да се прекинат насилствата и да се повлечат руските сили“, рече Ан Линде, министерка за надворешни работи на Шведска.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече „сведоци сме на хуманирана катастрофа која е резултат на преголема употреба на сила. Ситуацијата е критична и бара итна акција и заеднички напори за изнаоѓање начини за спречување понатамошни страдања и влошување на состојбата. Враќањето на мирот мора да биде императив. Овој конфликт мора веднаш да запре.“
Со шефот на украинската дипломатија, министерската тројка на ОБСЕ дискутирала за потребите на земјата за понатамошна одбрана, како и за помошта што меѓународната заедница треба да ја обезбеди на Украина за справување со последиците од војната.
Рау, Османи и Линде побараа одговорност за оние кои учествувале во нападите врз цивили, како што покажуваат страотните снимки од украинските градови и села.