Рускиот сојузник Србија ја доби испораката на софистициран кинески противвоздушен систем во прикриена операција овој викенд, и покрај загриженоста на Западот дека трупањето оружје на Балканот во време на војната во Украина може да го загрози кревкиот мир во регионот, објави Асошиејтед прес.
Како што пренесе АП, медиуми и воени експерти во неделата рекоа дека шест транспортни авиони на кинеското воздухопловство од типот Y-20 слетале на цивилниот аеродром во Белград рано во саботата, а наводно носеле ракетни системи земја-воздух HQ-22 за српската војска.
Кинеските карго авиони со воени ознаки беа сликани на аеродромот Никола Тесла во Белград.
Министерството за одбрана на Србија не одговори веднаш на барањето на АП за коментар. Испораката на оружје преку територијата на најмалку две земји-членки на НАТО, Турција и Бугарија, експертите ја сметаа за демонстрација на растечкиот глобален досег на Кина.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја потврди испораката на системот со среден дострел од Кина што беше договорен во 2019 година, велејќи во саботата дека ќе ја претстави „најновата гордост“ на српската војска во вторник или среда.