Линкови за пристапност

Бајден и Шји разговараа два часа среде тензии околу војната во Украина


Кинеските медиуми рекоа дека Шји нагласил оти конфликтите и конфронтациите не одат во ничиј интерес, објави Ројтерс
Кинеските медиуми рекоа дека Шји нагласил оти конфликтите и конфронтациите не одат во ничиј интерес, објави Ројтерс

Претседателот на САД Џо Бајден и кинескиот претседател Шји Џјинпинг денес преку видеоповик разговараа за руската инвазија на Украина, а кинеските медиуми рекоа дека Шји нагласил дека таквите конфликти не одат во ничиј интерес, објави Ројтерс.

Бајден се очекуваше да му каже на кинескиот лидер дека Пекинг ќе плати висока цена ако ја поддржи инвазијата, предупредување што доаѓа во време на продлабочување на несогласувањата меѓу двете држави.

Разговорот траеше нешто помалку од два часа, соопшти Белата куќа.

Кинеските државни медиуми пренесуваат дека Шји рекол оти „меѓудржавните односи не можат да напредуваат во фаза на конфронтација, а конфликтите и конфронтациите не се во интерес на никого“.

Медиумите го цитираат Шји дека изјавил оти „украинската криза е нешто што не сакаме да го видиме“.

Според кинеските државни медиуми, повикот бил побаран од страна на САД.

Претходно, заменик-државниот секретар на САД Венди Шерман, изјави за Ем-Ес-Ен-Би-Си, дека Шји треба да му каже на рускиот претседател Владимир Путин „да стави крај на оваа војна што ја избра, оваа војна на масакрот“ во Украина.

„Кина треба да застане на вистинската страна на историјата. Таа треба да се погрижи да не ги надомести финансиски или на кој било друг начин санкциите што ѝ беа наметнати на Русија“, рече таа за Си-Ен-Ен.

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан имаше седумчасовна средба со висок кинески советник за надворешна политика во понеделникот во Рим.

Кина, близок сојузник на Русија, одби да ја осуди руската инвазија на Украина. Саливан побара поголема транспарентност за позицијата на Пекинг за Русија на состанокот во понеделникот, при кој тој предупреди дека сите обиди на Кина да ѝ помогне на Русија да ги избегне западните санкции ќе ја чинат владата на Шји.

По средбата, САД изразија загриженост за „усогласувањето“ меѓу Русија и Кина, две нуклеарни сили управувани од авторитарни лидери.

САД ги информираа азиските и европските сојузници истиот ден дека американското разузнавање заклучило оти Кина ѝ укажала на Русија дека ќе се согласи да обезбеди војска и финансиска поддршка за Украина.

Американските власти предупредија дека Пекинг помогнал во ширењето на руските дезинформации што може да биде изговор за Русија да ја нападне Украина со биолошко или хемиско оружје.

Кинеското министерство за надворешни работи минатата недела ги повтори неоснованите руски тврдења дека имало 26 биолошки лаборатории и слични објекти во Украина во кои „Одделот за одбрана на САД има апсолутна контрола“.

Обединетите нации соопштија дека немаат информации со кои може да ги поткрепи ваквите обвинувања.

На почетокот на февруари, неколку недели пред руската инвазија на Украина, рускиот претседател Владимир Путин се сретна со Шји во Пекинг на почетокот на Зимските олимписки игри.

За време на посетата, двајцата лидери изјавија дека нивното „пријателство“ е неограничено.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG