Линкови за пристапност

Шварценегер преку видео им кажа на Русите дека Путин ги лаже за војната во Украина


Актерот го обвини рускиот претседател за нелегална војна и го повика да ја запре
Актерот го обвини рускиот претседател за нелегална војна и го повика да ја запре

Актерот Арнолд Шварценегер објави видео на социјалните медиуми преку кое има кажа на Русите дека се излажани за војната во Украина, и го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека ги жртвува животите на руските војници за сопствени амбиции, објави Асошиетед прес.

Шварценегер е многу популарен во Русија, а очигледно и кај Путин, со оглед на тоа што официјалниот Твитер профил на претседателот на Русија следи само 22 профили, од кои еден на актерот.

Во деветминутното видео, Шварценегер рече дека на руските војници им било кажано дека ќе се борат против нацисти во Украина, за заштита на етничките Руси во Украина или оти ќе имаат воени вежби, како и дека ќе бидат дочекани како херои.

Тој рече дека многу од војниците сега знаат оти тие тврдења биле лажни.

„Ова е нелегална војна“, рече Шварценегер, гледајќи директно во камерата, и додаде:

„Вашите животи, вашите екстремитети, вашата иднина се жртвувани поради бесмислена војна осудена од целиот свет“.

Шварценегер го објави видеото на Твитер, Јутјуб и Инстаграм. Иако дел од тие сервиси се блокирани во Русија, тој го објави видеото и на апликацијата за пораки Телеграма, која не е блокирана и каде има над половина милион прегледи. Видето е титлувано на руски јазик.

Поранешниот гувернер на Калифорнија рече и дека неговиот татко бил излажан додека се борел со силите на Адолф Хитлер за време на Втората светска војна, и оти се вратил во Австрија скршен маж, физички и емоционално, откако бил ранет кај Ленинград.

Тој побара од Русите да ги известат своите сограѓани за „човечката катастрофа што е се случува во Украина“.

Видеото покажува бомбардирани згради во Украина, по што тој му се обраќа на Путин:

„Вие ја почнавте оваа војна. Вие ја водите оваа војна. Вие можете да ја запрете оваа војна“, рече Шварценегер.

Тој ги нарече сите Руси кои протестираа против инвазијата на Украина „моите нови херои“.

Советник на украинското Министерство за внатрешни работи, кој работи на ширење информации за текот на војната, ги повика Украинците да го споделат видеото со пријателите и роднините во Русија.

XS
SM
MD
LG