Линкови за пристапност

Бајден ќе разговара со кинескиот претседател Шји за војната во Украина


Ова е дел од нашите тековни напори за одржување на отворени линии на комуникација помеѓу САД и Кина, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки
Ова е дел од нашите тековни напори за одржување на отворени линии на комуникација помеѓу САД и Кина, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки

Претседателот на САД Џо Бајден утре ќе разговара со кинескиот претседател Шји Џјинпјинг за војната на Русија против Украина и економската конкуренција меѓу двете земји, соопшти денес Белата куќа.

„Ова е дел од нашите тековни напори за одржување на отворени линии на комуникација помеѓу САД и Кина“, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Бајден ќе разговара со кинескиот претседател по телефон. Советникот за национална безбедност Џејк Саливан имаше седумчасовна средба со висок кинески советник за надворешна политика во понеделникот во Рим.

Кина, близок сојузник на Русија, одби да ја осуди руската инвазија на Украина. Саливан побара поголема транспарентност за позицијата на Пекинг за Русија на состанокот во понеделникот, при кој тој предупреди дека сите обиди на Кина да ѝ помогне на Русија да ги избегне западните санкции ќе ја чинат владата на Шји.

По средбата, САД изразија загриженост за „усогласувањето“ меѓу Русија и Кина, две нуклеарни сили управувани од авторитарни лидери.

САД ги информираа азиските и европските сојузници истиот ден дека американското разузнавање заклучило оти Кина ѝ укажала на Русија дека ќе се согласи да обезбеди војска и финансиска поддршка за Украина.

Американските власти предупредија дека Пекинг помогнал во ширењето на руските дезинформации што може да биде изговор за Русија да ја нападне Украина со биолошко или хемиско оружје.

Кинеското министерство за надворешни работи минатата недела ги повтори неоснованите руски тврдења дека имало 26 биолошки лаборатории и слични објекти во Украина во кои „Одделот за одбрана на САД има апсолутна контрола“.

Обединетите нации соопштија дека немаат информации со кои може да ги поткрепи ваквите обвинувања.

На почетокот на февруари, неколку недели пред руската инвазија на Украина, рускиот претседател Владимир Путин се сретна со Шји во Пекинг на почетокот на Зимските олимписки игри.

За време на посетата, двајцата лидери изјавија дека нивното „пријателство“ е неограничено.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG