Линкови за пристапност

Русија има намера да ја урне украинската Влада, велат САД


„Она што го гледаме се почетни фази на инвазија од големи размери“, изјави за новинарите висок функционер на Пентагон, додавајќи дека „тие прават потег кон Киев“
„Она што го гледаме се почетни фази на инвазија од големи размери“, изјави за новинарите висок функционер на Пентагон, додавајќи дека „тие прават потег кон Киев“

Русија има „секаква намера“ да ја собори украинската Влада со инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин на Украина денес, изјави американски официјален претставник.

„Она што го гледаме се почетни фази на инвазија од големи размери“, изјави за новинарите висок функционер на Пентагон, додавајќи дека „тие прават потег кон Киев“.

„Тие имаат секаква намера да ја обезглават украинската влада“, рече официјалниот претставник. Тој изјави дека првиот руски напад вклучувал повеќе од 100 балистички ракети со краток дострел, но исто така и балистички ракети со среден дострел, крстаречки ракети и ракети земја-воздух.

Мета на проектилите биле воени локации - аеродроми, касарни и магацини. САД „видоа индикации“ дека украинските војници „се спротивставуваат и возвраќаат“, рече официјалниот претставник.

Путин ја започна инвазијата раноутрово во најголемиот европски напад од крајот на Втората светска војна, напаѓајќи ги украинските сили во спорниот источен регион и лансирајќи проектили врз неколку клучни градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Путин ја нарече инвазијата „специјална воена операција“ чија цел е „демилитаризација и денацификација“ на нејзиниот јужен сосед, некогаш советска република, но независна земја од 1991 година.

Во телевизиското обраќање пред зори од Кремљ, рускиот лидер ги предупреди другите земји да не интервенираат и рече дека ќе се соочат со „последици што никогаш не ги виделе“.

САД денес најавија дополнителни санкции коишто „ќе наметнат сериозен притисок и штета за руската економија“ по нејзината инвазија врз Украина. Американскиот претседател Џо Бајден ја нарече инвазијата на Путин „војна со предумисла“.

Сојузниците на НАТО, вклучително и Велика Британија и Европската Унија, исто така, воведоа повеќе санкции денес. Ефектот се почувствува речиси веднаш на глобалните пазари, каде што акциите паднаа и цените на суровините се зголемија.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денес твитна дека меѓународната заедница треба да одговори со „уништувачки санкции кон Русија“ и да испрати оружје, воена опрема, финансиска помош и хуманитарна помош за Украина.

Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) утре ќе гласа за резолуција со која „најостро“ ќе се осуди руската воена агресија врз Украина. Исто така, ќе бара итно запирање на руската инвазија и повлекување на сите руски трупи, според Асошиетед прес.

Дел од информациите се преземени од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG