Линкови за пристапност

Експерти: Треба да бидеме подготвени за најголемиот бегалски бран внатре во Европа после Втората светска војна


Меѓу Македонците кои во моментот се наоѓаат во Украина е и фудбалерот на фудбалскиот клуб Полтава, Ѓоко Зајков. Тој вели дека засега се наоѓаат на безбедно, иако ситуацијата се менува од час во час.

„Градот Полтава каде што се наоѓаме не беше цел на напад. Во овој момент сме безбедни. Од клубот има најава за странците кои сме тука да се организира превоз со мини бус и евентуално да бидеме спроведени до некоја граница. Но, мора да се создадат услови. Во моментот воздушниот простор е затворен, а нема ниту возови. Ги чекаме инструкциите од клубот. Во градот моментално работат само маркети и многу мал број на ресторани“.

Осуда за случувањата во Украина, стигнува од сите страни. Универзитетскиот професор по безбедност Марјан Ѓуровски, вели дека Европа се наоѓа пред нов мигрантски бран.

„Украина е пред хуманитарна катастрофа, а Европа пред мигрантски бран. Евентуалниот пад на Киев ќе биде пораз на западната политика. Потребен е итен прекин на огнот од руска страна. НАТО сигурно ќе ги заштити териториите на своите членки со распоредување на дополнителни трупи без директно воено инволвирање во конфликтот“, вели Ѓуровски.

Тој смета дека допрва ќе се чувствуваат последиците од настаните во Украина.

„Економските санкции задоцнија и последиците од нив ќе се чувствуваат допрва. Економската безбедност на светот вклучително на Европа е целосно загрозена. Осуда на руската воена агресија доаѓа од сите страни. Целосно од Русија е погазено меѓународното јавно право и сите механизми на меѓународниот поредок, вклучително и Советот за безбедност на ООН. Солидарност со Украина и украинскиот народ преку конкретни политички и економски мерки се повеќе од потребни, наместо твитер пораки и само морална поддршка“, додава Ѓуровски.

Јасмин Реџепи, од невладината организација Легис, вели дека сите треба да бидат подготвени за голем бегалски бран кон Европа.

„Од почетокот на руската воена агресија над Украина, илјадници цивили бегаат од бомбардираните градови кон побезбедни области во земјата и во соседните земји. Мора да бидеме подготвени за најголемиот бегалски бран внатре во Европа од Втората светска војна. Полска и Хрватска најавија подготвеност да прифатат бегалци од Украина. Сите оние земји од Источна Европа, кои што реагираа и не сакаа да прифатат квоти со сириски и авганистански бегалци, сега ќе мора да се соединат, околу тоа дека треба да прифатат квоти и да ги распоредат меѓу себе, но и да побараат и западниот дел на Европа, да прифати дел, бидејќи сега ќе се работи за повеќе милиони бегалци, кои ќе пристигнат од Украина“, вели Реџепи.

Реџепи вели дека и Северна Македонија, треба да излезе со одредена бројка на бегалци од Украина, кои ќе може да ги прифати на своја територија.

„Се приклучивме кон светскиот апел за мир и ставање крај на војната и човечкото страдање. Но сметам дека се потребни по конкретни чекори за сопирање на оваа руска инвазија и враќање на мирот во Украина“, вели Реџепи.

Македонската влада го задолжи Министерството за надворешни работи да ги прибере барањата на сите државјани на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Северна Македонија, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата.

За универзитетскиот професор по безбедност, Злате Димовски, се работи за прекршување на меѓународното право.

„Ова е контролиран и пресметан напад со точно одредени таргети, за постигнување на ефект на заплашување и поблаго постигнување на целите. Тоа е градење на поволна позиција за пост војна, кога ќе се преговара. Ќе се уценува за да се даде целосно признавање на областите Донбас и Луганс, како и Крим“, вели Димовски.

За поранешната новинарка, Ида Протугер, она што се случува во Украина е поразително.

„Милиони луѓе до вчера правеле планови за да прослават нова работа, роденден, свадба, да се сретнат со љубовта, да одат некаде на одмор, да развијат бизнис идеја, учеле за да го вложат потенцијалот во својата иднина. Наместо целиот креативен потенцијал и ресурси на тие милиони луѓе да процвета во креација, создавање, продуктивност, денеска го пакуваат животот во еден куфер за да остават живи. Го трошат на справување со страв и стрес. Затоа што некој решил со агресија да им го одземе мирот и слободата“, вели Протугер.

Таа прашува како е можно во 21-ви век, кога светот оди напред, се’ уште некој да размислува за војна.

„Како е можно во 21-ви век кога дигиталната револуција и технолошката револуција ги урива границите и полека планетата земја ни станува „држава“, наместо да гледаме на светот како поле каде нашите ресурси и потенцијали би се максимизирале, за да го дадеме најдоброто од себе за подобрување на светот, ние се доведовме како човештво во ситуација на деструкција на сето тоа, на примитивна борба за територии и трошење на човечките ресурси за справување со страв, стрес, преживување. Цивилизациска регресија. Ужасно, тажно и поразително“, вели Протугер.

XS
SM
MD
LG