Линкови за пристапност

Ќе продолжиме да го поддржуваме украинскиот народ, рече Бајден по телефонскиот разговор со Зеленски


Претседателот на САД рече дека го брифирал украинскиот лидер за чекорите што САД планираат да ги преземат, откако Путин најави „воени операции“ во источна Украина
Претседателот на САД рече дека го брифирал украинскиот лидер за чекорите што САД планираат да ги преземат, откако Путин најави „воени операции“ во источна Украина

Претседателот на САД Џо Бајден вечерва зборуваше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, и рече дека го брифирал за чекорите што САД планираат да ги преземат, откако рускиот претседател Владимир Путин најави „воени операции“ во источна Украина.

Бајден рече дека го осудил овој „неиспровоциран и неоснован напад од руските воени сили“.

„Ме замоли да ги повикам лидерите во светот да зборуваат јасно против флагрантната агресија на претседателот Пути, и да го поддржат народот на Украина“, изјави Бајден по разговорот со Зеленски.

Во соопштението Бајден вели дека ќе ја следи ситуацијата во текот на ноќта, а утре ќе зборува со колегите од Г7 , по што САД и нивните сојузници и партнери ќе воведат тешки санкции кон Русија.

„Ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка и помош на Украина и на украинскиот народ“, рече Бајден.

Путин раноутрово најави почеток на воена операција во источна Украина, велејќи дека дејствува како одговор на заканите од Украина и ги предупреди другите земји да не интервенираат.

Тој во телевизиското обраќање околу 6 часот по локално време додаде дека оние кои се противат на руската акција во регионот на Донбас ќе се соочат со „последици какви што никогаш не виделе“.

Во исто време, неколку експлозии се слушнаа во главниот град на Украина, Киев, далеку од центарот на градот.

XS
SM
MD
LG