Остри осуди и конкретни мерки - Северна Македонија реагира за воената руска инвазија врз Украина. Владата денеска реши земјата да се придружи кон новиот пакет рестриктивни мерки на ЕУ.
„Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата“, информираат од владата.
Истовремено, задолжени се надлежните министерства да обезбедат информации за барања на македонски државјани кои се наоѓаат во Украина за да бидат транспортирани и сместени во земјава.
Ескалацијата на ситуацијата во Украина беше главна тема на седницата на Советот за безбедност која денеска ја свика шефот на државата.
„Во однос на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина, државата ги презеде неопходните мерки за нивна безбедна евакуација, како и на вработените во нашата амбасада во Киев. Како НАТО членка, Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците во однос на идните активности кои ќе се преземат од страна на сојузниците“, пишува во соопштението објавено по седницата на Советот за безбедност.
Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина
Пред состанокот, државно-владиниот врв ја осуди воената акција на Русија.
„Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња“, порача претседателот Стево Пендаровски.
Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна МакедонијаДимитар Ковачевски, Премиер на С.Македонија
„Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Реагира и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Украина не е толку далеку од овде. Последиците се далекусежни, не само од воен и географски, туку и од економски аспект“, рече Џафери.
Реaгираат и претставниците на меѓународната заедница во земјава.
„САД и Сојузниците силно го осудуваат нападот на Русија врз Украина“, изјави американската амбасадорка, Кејт Брнз.
Таа додаде: „Продолжуваме да го засилуваме членот 5 – заштита на секој инч од НАТО територија“.
Амбасадорката на Германија, Анке Холштајн со остри критики.
„За сите нас ова e еден од најтемните часови во нашите животи. Никој не можеше да замисли дека ова навистина би можело да се случи овде во Европа“, рече Холштајн.
Facebook Forum